Виенски бал во Скопје на 17 март

На 17 март, традиционално во хотелот „Александар Палас“, ќе се одржи Виенскиот бал, во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус” и под покровитество на амбасадата на Република Австрија во Македонија. Благодарение на овој настан, Скопје по 19-ти пат, ќе биде дел од австриската балска култура. Од лани, „Виенски бал“ во Скопје е ставен и на светската мапа на виенски балови.

Годинава, дел од средствата од влезниците, ќе бидат наменети за граѓанска организација на лица со и без хендикеп, која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп „Полио плус“.

Професионалниот оркестар „Јохан Штраус“ ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска. Танцовиот клуб „Прима Данца е задолжен за танцовите точки, а магијата на балетските точки на сцената на Балот ќе ја донесат првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.