(ВИДЕО) 3Д-концерт на „Крафтверк“: Роботите два часа го возеа Скопје кон иднината
Електропионерите од бендот „Крафтверк“ вчеравечер во салата „Борис Трајковски“ ја стопираа сегашноста и цели два часа „возеа“ во правец кон иднината. Четворицата господа преводени од Ралф Хатер, како еден од основачите и најстар член на составот, на сцената се појавија точни како швајцарски часовници во 20:30 и со германска одговорност го одработија ветеното.
Членовите на „Крафтверк“ немаат издадено нов музички материјал околу 15 години, а нумерите што ги презентираа на актуелната турнеја ни се добро познати на сите, а под сите се мисли на повеќе генерации и на оние што се сеќаваат на почетоците на електропионерите и на оние што ги откриле пред 10 години, па и на оние што сега ги откриваат. Но нивната идеја за 3Д-настапите и издавањето на 3Д-каталогот дава една нова димензија на нивната музика, на нивните настапи, па сето тоа во целина е многу повеќе од концерт.
Во оваа 3Д-турнеја „Крафтверк“ повторно ни потврдуваат зошто од нивно појавување на музичката сцена се перципираат како претскажувачи на иднината и иако нивната музика сега не е новосоздадена, таа е безвременска и во овие години повеќе од актуелна. Веројатно, нивната актуелност ќе потрае во овој 21 век.
Почнувајќи го настапот со „Numbers“ (Бројки), ме упатија на тоа да размислувам што може бројките да ни значат во животот и дали имаат некаква мерливост. Во истата минута се потсетив дека Ралф Хатер, најстариот член на „Крафтверк“, има 71 година и дека ако таа бројка ја перципираме како возрасна граница, тој треба да биде пензиониран дедо. Но реалноста кај овие човечки роботи е поинаква отколку кај поголемиот остаток во светот. Ралф Хатер е еден од најиспиративните ликови во музиката, вљубеник во велосипедизмот кој го создаде „Крафтверк“ и заедно инспирираа голем спектар на светски музичари. Ѝ дадоа цврста подлога на поп-сцената во светски рамки, да се опушти и да почне да истражува во овој правец. Хатер е всушност еден иновативен мозок, за кој не може да се прецизира дали тој ја следи технологијата или технологијата нему му излегува во пресрет.
Концертот во Скопје траеше точно два часа, како што е предвидено на секој од нивните настапи во оваа турнеја. Четворицата господа беа облечени во препознатливите темни костими со флуросцентни ленти. Зад нив беше поставен голем видеобим преку кој ја визуелезираа секоја приказна која зрачеше од нивните компјутери. Ги отсвиреа речиси сите хитовски нумери, како „Computer world“, „Computer love“, „The man machine“, „The model“, „Tour de France/Prologue/Etape 1/Chrono/Etape 2“, „Trans Europe express/Metal on metal/Abzug“. На крај се спуштија завесите, но само на кратко, додека ги облекоа нивните црвено-црни костими за автентично да ја претстават нумерата „The robots“. Во нивното враќање на бис беа вклучени „Aero dynamik“, „Boing boom tschak/Techno pop/music non stop“.
Салата „Борис Трајковски“ беше солидно исполнета, а публиката беше шаренолика и во смисла на возрасти, но забележливо беше и присуството на посетители од странство, претежно од нашите соседни земји, Србија, Косово, Албанија и Бугарија.
Вистинските фанатици по овој состав си евоцираа и спомени од настапот на „Крафтверк“ пред 13 години во Скопје. За многумина тој концерт е незаменливо искуство во споредба со вчерашниот, веројатно исто како што помладите генерации ќе го паметат долго овој настап.
Вечните критики за неакустичноста на салата вчера не доминираа, иако имаше забелешки дека можеби требало да биде малку погласно и со подобар квалитет. Сѐ на сѐ, концертот го маркираше Скопје на светската мапа, беше убаво и емотивно чувство со многу визуелизација и спомени. Одлично одбележување на 20. издание на фестивалот „Таксират“. На крај, ќе се одјавиме исто како и Ралф Хатер со – „Ауфидерзен!“
Ивана Настеска