(ВИДЕО) Џозеф: Ако јас бев Македонец, ќе гласав на референдумот

Средбата на премиерот Зоран Заев и потпретседателот на САД Мајк Пенс претставува силна порака од американската влада за поддршка на позитивен исход на референдумот на 30 септември, вели долгогодишниот аналитичар за Балканот, Едвард Џозеф, а пренесува „Гласот на Америка“.

„Граѓаните сами да ги читаат и слушаат изјавите од лидерите, за да не бидат под влијание на разни пропаганди“, вели долгогодишниот аналитичар за Балканот од Вашингтон.

„Потпретседателот Пенс објави соопштение, кое целосно ги поддржува Договорот од Преспа и членството на Македонија во Европската унија и НАТО“, изјави Џозеф.

Тој вели дека ако бил граѓанин на Македонија, независно дали етнички Македонец, етнички Албанец или припадник на која било друга заедница, без никаков сомнеж би гласал на претстојниот референдум.

„Ова е одличен договор кој става крај на 20-годишниот ќорсокак со Грција и на борбата за македонскиот идентитет. Овој договор всушност го заштитува македонскиот идентитет. Не само што значи целосно признавање на државата од Грција и полноправно членство во НАТО, туку значи и признавање на македонскиот јазик“, рече тој.

Верува дека македонскиот народ ќе го препознае вистинскиот пат, оставајќи ја зад себе референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, и оти ќе гласа позитивно за своја достоинствена иднина.