(Видео) Ѕвездата Шон Пол ја поздрави македонската публика

Одбројувањето до концертот на една од најактуелните светски ѕвезди во моментов – уникатниот музичар од Јамајка, добитникот на Греми, единствениот Шон Пол  – може да почне!

Настапот на сопственикот на најактуелните светски хитови и соработките со ѕвезди од калибарот на Бијонсе, Дуа Липа, Сиа, Дејвид Гета… е закажан на 23 август на Стадионот АРМ во Скопје од 20 часот.

Шон Пол во Скопје доаѓа во рамките на летната турнеја и со својата комплетна 17-члена екипа која вклучува танчари, бенд, како и техничка поддршка. Поради следниот закажан концерт Греми добитникот во главниот град нема да се задржи долго, но судејќи според рајдер листата тоа ќе му биде сосема доволно да се запознае и со домашната публика и со главниот град. Во однос на барањата што треба да има на располагање пред и по концертот, слободно може да се заклучи дека е и повеќе од скромен, а неговата листа со барања изгледа отприлика вака – доволно чист простор за него и неговата екипа, многу вода, овошје и храна која би требало да е свежо приготвена…

Колку за потсетување билетите за најголемиот музички спектакл летово, во организација на  „Fusion Production & Akasha booking“ чинат: 1 500 денари за партерот, 2 100 за фан питот, ВИП влезница чини 2 700 денари, додека оние за ултра ВИП делот се 8 500 денари – ова се всушност влезници во ограничена количина и се со ексклузивен ‘meet and greet’ настан по концертот, каде фановите ќе може да се запознаат со Шон Пол и да уживаат во коктел забава, која ќе биде организирана на највисоко ниво.