(ВИДЕО) Шарлин Спитери, пејачка на „Тексас“: Обожавам да јадам, која храна ми ја препорачувате во Македонија?

Пејачката Шарлин Спитери и водечки лик на бендот „Тексас“, попладнево допатува во Скопје и во најкраток можен рок оствари средба со новинарите по повод нивниот концерт во петок.

Спитери беше навистина срдечна и пријателски расположена, па одлучи да одговара на сите прашања од медиумите, било да се за нејзиниот професионален или приватен живот.

Бидејќи доаѓа за првпат во нашата земја, Спитери изрази надеж дека нема да биде и последен.

– Доаѓаме од Шведска, имавме концерт во Стокхолм, утре имаме слободен ден тука, а во петок ве очекуваме на скопскиот концерт – рече таа.

Трпеливо и внимателно одговараше на новинарските прашања: за нејзината свадба која се случи на 8 септември во Велс, на прашањето дали нејзината 16-годишна ќерка пројавува интереси за музика, како и неколку прашања поврзани со бендот и нивните почетоци, песните…

-Имавме навистина многу забава и љубов на свадбата, беа присутни нашите најблиски пријатели, роднини, одлично поминавме – рече Спитери, додека пак на прашањето дали нејзината ќерка-тинејџерка се интересира за музика, рече дека засега најмногу слуша  поп-музика.

 

По 40 минутната средба, Спитери им се довери на новинарите дека е гладна, па побара совет што би ѝ препорачале да јаде.

– Не се кријам дека сакам да јадам. Не сум како некои пејачки кои велат дека внимаат на линијата. Јас навистина обожам храна – рече таа.

Концертот на „Тексас“ е во организацијата на Авалон продукција и ќе се одржи во петок, 28 септември, во спортската сала „Кале“. Како нивна локална поддршка ќе настапи гостиварската група „Ареа“. Почетокот за закажан за 20 часот.

Дел од прес-конференцијата погледнете на видеото:

 

Ивана Настеска