(ВИДЕО) Човекот што го насмеа регионот, Тони е првиот манекен од Југославија

Осумдесет и двегодишниот Таљат Селмани, познат како Тони е човекот кој одговарајќи на телевизиска анкета за грипот го насмеа целиот регион.

– Не постои грип. Имам 82 години, никогаш не сум бил болен, никогаш не сум бил кај доктор. Срамота, пензионерите го уништија здравството. Ме боли раката, ме боли ногата, се ме боли… Вежбај, п*а ти материна – рече тој пред телевизиските камери и стана хит во регионот.

Тој е роден во Албанија, а во Загреб се преселил во 1960 година. Неговиот живот бил бурен, и покрај тоа што бил вработен во Хрватскиот телеком, хонорарно се занимавал со манекенство.

Токму и како Тони Манекенот бил познат помеѓу граѓаните, и во животот снимил многу реклами за познати југословенски модни брендови.

– Бев првиот манекен во Југославија. Снимав реклами за Вартекс, Каменско, Питралон, рекламирав храна, пијалоци, облека, козметика. Еднаш дури и глумев шеик во реклама за Интерконтинентал. Последната реклама за Питралон ја снимив пред десет години. Мојата сопруга која е најубавата жена на светот снимаше неколку реклами заедно со мене – раскажал Селмани за хрватскиот медиум.

Со читателите тој споделил неколку совети за здрав и витален живот, кој самиот ги применувал. Наутро започнувал да вежба уште додека бил во кревет. Се миел со ладна вода, а потоа заминувал на вежбање. Секој ден вежбал околу три часа, поминувал доста време во природа, но исто така и медитирал. Јадел се што ќе посака, но умерено. Во последните неколку години не јадел месо, никогаш не пушел цигари, а секое утро пиел по една мала чаша ракија.

Открил дека неговиот дедо, кој се грижел за него по смртта на родителите, умрел на 102 – годнишна возраст, ненадејно.

-Умре во еден ден, и тоа е начинот на кој и јас сакам да си заминам. Без некакви цевчиња во вратот, па да лежам со месеци во болница – раскажал пензионерот.

Негови омилени изреки се:
-Здрав дух во здраво тело
-Оделото го прави човекот
-Биди добар човек, оти злото со поголемо зло се враќа
-Љубовта, покрај здравјето е најважна во животот
-Добриот човек умира во еден ден

Неговите совети за здрав живот:

-Вежбај наутро уште во кревет
-Туширај се со ладна вода
-Тренирај, вежбај! Трчај, скокај, вежбај со справи. Вежбај дневно минимум три часа
-Медитирај, со умот зајакнувај го телото. Легни на кревет, стави ги рацете позади глава и чувствувај како мускулите работат
-Поминувај го времето во природа. Секоја тревка, секое дрво, секоја мува, се има душа и тоа мора да се почитува
– Јади што душата ќе ти посака. но, немој да претеруваш. Подобро да се фрли, отколку се да втераш во себе
– Болест не постои, се зависи од тебе