(ВИДЕО) Мексико: Новинарка наместо одговор доби бакнеж од претседателот

Новоизбраниот претседател на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор (64) е мета на критики откако беше објавена видеоснимка на која се гледа како бакнува во образ новинарка која му поставила прашање.

Инцидентот се случил на 20 септември во мексиканската држава Долна Калифорнија, за време на неговата турнеја организирана пред инаугурацијата на 1 декември.

На видео-снимката се гледа како новинарката на весникот „Ел Мексикано“, Лорена Гарсија поставува прашање за парламентарните избори, што треба да се одржат следната година, а Обрадор се насмевнува, ја бакнува во образ и не одговара.

Гарсија изјави дека постапката на мексиканскиот претседател е „непристојна“.

Обрадор претходно беше критикуван дека на две новинарки им се обрати со „драга“ кога се обиделе да му постават прашање.

Обрадор во јули е избран за нов претседател на Мексико, а на 1 декември ќе ја преземе должноста.