(Видео) Семејството на Мајкл Џексон ги тужат авторите на документарниот филм за пејачот

Членовите на семејството на пејачот Мајкл Џексон одлучија да поднесат тужба против авторот на филмот „Leaving Neverland” и продукциската куќа „HBO” која на почетокот на март планира премиерно на својот канал да го објави спорниот филм.
Во документарниот филм што се занимава со  мрачната страна на легендарниот поп пејач зборуваат Вејд Робсон и Џејмс Сејфчук кои како момчиња биле под старателство на Џексон. Филмот до детали ја опишува најмрачната страна на Мајкл Џексон кој со години се поврзуваше со злоупотреба на децата кои ги посвои.
„Ова не е документарец, туку филм на стравот и ужасот. Две момчиња кои станаа „посебни другари“ на Мајкл преживеале, во најмала рака, пекол“, се наведува во извештајот на филмските критичари кои го сметаат спорниот филм за чувствителен и вознемирувачки.
Двајцата главни протагонисти во филмот до детали ги опишуваат сексуалните склоности на Мајкл, поради кои со години трпеле психичка тортура и доживеале игнорирање од страна на нивните пријатели и околината.
Но, членовите на семејството на Џексон веќе неколку месеци водат борба во надеж дека ќе успеат да го спречат емитувањето на спорниот филм.
Еден од адутите на семејството е и ставката од договорот во 1992 година кој го потпишаа легендарниот пејач и „HBO”, а кој се однесува на нивниот деловен однос. Во договорот според зборовите на семејството на починатиот пејач стои и ставка според која „HBO” е должен да плати 100 милиони долари доколку на кој и да е начин некогаш емитува негативна содржина за Мајкл Џексон. Оваа ставка за возврат на продукциската куќа и дава право за директен пренос на концерти на поп ѕвездата Мајкл Џексон.
Иако премиерата е закажана за десетина дена, семејството верува дека ќе успее да спречи јавно емитување, додавајќи дека само промотивното видео кое се наоѓа на Youtube веќе му нанело штета на ликот и делото на пејачот, како и на неговото семејство.