(Видео) Костовски: Секој глас „ЗА“ носи подобра иднина за нашите деца

Претседателот на Општинската организација на СДСМ во Куманово, Мартин Костовски ги повикува своите сограѓани за на 30 септември да не се предомислат и да гласат „ЗА“ НАТО и ЕУ. Според него секој глас „ЗА“ носи подобра иднина за идните генерации.

„Секој глас ЗА носи подобра иднина за нашите деца. Децата бараат да им обезбедиме подобар живот. Децата бараат да растат во здрава животна средина, безбедна и стабилна држава. Имаме обврска да излеземе и да помогнеме Македонија конечно да тргне напред“, вели Костовски.

Костовски вели дека младите имаат шанса да ја однесат Македонија напред кон членство во НАТО и ЕУ кои гарантират подобар живот за сите.

„Пристапот до младинските програми на Европската Унија за младите од Македонија ќе значи можност за студирање на најдобрите универзитети во Европа и развивање на вештините неопходни за активно учество на пазарот на трудот“, истакна Костовски.

Според Костовски развојот на Македонија можеме да го постигнеме само преку влегување во сојуз со големите светски сили, како рамноправна членка со право на глас.

„Европската Унија е семејство на народи – каде што земјите си помагаат една на друга за да изградат заедничка безбедност, да споделуваат можности и да создаваат економски придобивки за секоја земја членка на семејството. За сигурна иднината за нашите деца и млади, ние треба да им се придружиме на овие семејства.Затоа во недела не се седи дома. Недела е ден за историска одлука, ден за гласање. Што и да направиш во недела ќе влијае трајно врз иднината на твојот живот и врз иднината на државата“, додаде Костовски.

Претседателот на Општинска организација на СДСМ во Куманово ги поканува своите сограѓани на трибина со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, што ќе се одржи утре со почеток во 19:30 часот во Дом на култура „Трајко Прокопиев“.