(ВИДЕО) Концерт на „Гогољ Бордело“ во МКЦ: Енергија до плафон

Џипси-панк составот од Њујорк, „Гогољ Бордело“, во вторникот првпат во својата 20-годишна кариера настапи во Скопје. Концертот се одржа во Дансинг-салата во Младинскиот културен центар, како дел од одбележувањето на 20. издание на фестивалот „Таксират“. Спојувањето на двата поединечни 20-годишни јубилеи ѝ донесе неверојатно задоволство на македонската публика. Како предгрупа настапи регионалниот бенд „Маика“, кој прецизно ја наштима и ја насочи атмосферата.

„Гогољ Бордело“ во моментов ја реализира турнејата „Seekers And Finders“ од истоимениот последен албум, но не ги изостава хитовите како „Alcohol“, „Start wearing purple“, „Wonderlust King“, „Pala Tute“…

Иако беше претопло во салата, а тоа го потенцираше и фронтменот Јуџин Хуц, никој не се осмели да го напушти концертот. Испотени, насмеани и РаЗиГрАнИ како истипкан текст од расипана тастатура два часа, присутните во еден здив ги пееја песните. Ваква атмосфера одамна не му се случила на Скопје. Вредеше секоја капка пот.

Членовите на „Гогољ Бордело“ се препознатливи како махери за живи свирки, а тоа го потврдува и нивното постојано ангажирање како хедлајнери на најпознатите светски музички фестивали. Енергијата што ја ослободија на сцена им беше двојно возвратена. Во публиката имаше гости кои беа специјално дојдени за овој концерт од Турција, Германија и Финска.

Брилијантниот Јуџин е по потекло од Украина и низ текстовите раскажува за животите на мигрантите и дијапорците, бидејќи и самиот тој е бегалец кој со години лутал низ Европа, за на крај да се „скраси“ во Големото Јаболко каде што го формира и бендот.

Комуникацијата со публиката ја надополнуваа и останатите членови на бендот, но најмногу виолинистот Сергеј Рјабчев и перкусионистката и вокалистка Памела Расин.
Зад себе имаат осум студиски албуми и безбројни концерти, меѓу кои и настапи со ѕвезди од типот на Мадона.

„Гогољ Бордело“ има можеби мала по број, но брутално искрена публика во Македонија, која со години ги „брка“ по фестивали и концерти низ регионов. Конечно ги пречекавме и дома.

Целокупниот настан ги заслужува сите суперлативи, а ќе се одјавам со стих од нивниот хит „Alcohol“ – „Thank you one more time, for everything you’ve done!“

Ивана Настеска
Фото: Кристина Озимец