(Видео) Европа се восхитува на мајсторските голови на Пандев и на Барди

Горан Пандев и Енис Барди украдоа дел од фудбалското внимание на стариот континент што е насочено кон полуфиналните судири во Лигата на шампиони (Ливерпул – Рома и Баерн М. – Реал М.). Двајцата ја принудија Европа на восхит со мајсториите што ги демонстрираа против Верона и против Атлетик Б. Двајцата се запишаа во листата на стрелци и ги фрлија во сенка сите останати актери во мечевите на „Луиџи Ферарис“ во Џенова и на „Сан Мамеш во Билбао.


На капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија му требаа нешто повеќе од десетина минути да влезе во фокусот на европските медиуми. Пандев почна како резерва против Верона, во терен втрча во 81. минута, а во судиското надополнување на средбата на брилијантен начин го лобуваше гостинскиот голман од надвор од неговиот казнен простор за 3:1 и печат на трите бода за Џенова.

Се истакна и Барди од Пиринеите. Младиот играч за врска постигна два гола во победата на Леванте кај Атлетик Билбао што веројатно значи и обезбедување на опстанок во Примера и за сезоната 2018/19. Двата беа како пресликани, ги реализира од слободни удари од, речиси, идентична позиција во само две минути (42. минута и 44. минута) за пресврт на гостите од Валенсија што во вториот дел го комлетираа во голем триумф со 3:1 во настапот кај незгодниот ривал на „Сан Мамеш“.