Вечер во чест на јубилејот од раѓањето на Аврамовски, Ортаков и Стојков на „Охридско лето“

Во црквата „Света Софија“ вечер во рамки на фестивалот Охридско лето ќе настапат баритонот Горан Начевски, пијанистката Јасна Аврамовска, обоистот Васил Атанасов и пијанистот Тодор Светиев заедно со Скопскиот дувачки квинтет.

Концертот е во рамките на музичкиот дел од програмата на фестивалот а посветен е на јубилејот од раѓањето на македонските уметници Ристо Аврамовски, Драгослав Ортаков и Стојан Стојков.

Горан Начевски дипломирал и магистрирал композиција кај професор Милан Славицки. Во 2001 година, по паралелните студии, магистрирал и соло пеење кај професор Рене Тучек на Факултетот за музичка уметност во Прага, каде и докторирал во 2006 музичка теорија. Дебитира 2006 година со што ја започнува својата вокална кариера како солист баритон во Македонската oпера и балет. Моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Пијаниската Јасна Аврамовска дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професорот Тодор Светиев, а магистрира на Музичката национална академија „Панчо Владигеров“ во Бугарија во класата на еминентната пијанистка и професорка Жени Захариева. Во текот на својата кариера соработува со истакнати домашни и странски уметници, а како солист остварила соработка и со значајни домашни и странски оркестри. Добитник е на бројни сертификати и награди. За МРТВ има реализирано аудио снимки , ЦД и телевизиски емисии. Од 1993 година работи во ДМБУЦ, како корепетитор во дувачката и гудачката класа и како професор по пијано.

Обоистот Васил Атанасов е познат македонски уметник кој со своите изведби постојано ги пренесува високите уметнички вредности на македонската култура и уметност во светот. Добитник е на голем број награди и признанија. Постојано е активен на македонската музичка сцена, со бројни учества на фестивалите во земјава, но и во повеќе други земји во Европа, Азија и Америка. Неговите изведби трајно се запишани на повеќе носачи на звук. Во 2016 година ја добива највисоката награда за животно дело „Златна лира“ на Сојузот на музички уметници на Македонија, а во 2017 година е добитник на наградата „13 Ноември“.

Тодор Светиев студиите по пијано ги завршува на музичката академија во Загреб, а се усовршува на конзерваториумите во Санкт – Петерсбург и Антверпен. Како солист и камерен музичар развива богата концертна дејност и настапува успешно на подиумите како во Македонија така и во други земји. Во неговиот репертоар се вбројуваат дела од најразлични епохи, како и голем број премиерни изведби на дела од македонски автори. Добитник е на повеќе награди и признанија. Светиев повеќе години успешно работи како професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а честопати е член во жири комисиите на меѓународните пијанистички натпревари.

Скопскиот дувачки квинетет постои скоро четириесет години и претставува дел од една традиција на камерна дружба, меѓу плејада македонски уметници од дувачката фела. Сегашниот состав го сочинуваат познати македонски уметници: Васил Атанасов-обоа, Марија Јаќимовска-флејта, Ристо Ѓоревски-кларинет, Даниел Апостолов-фагот, Александар Гошев-хорна.