Вера Милошевска-Јосифовска: „Љубојна“ врти нова музичка страница

Ексклузивен концерт на „Љубојна“ со Македонската филхармонија ќе се случи на 1 февруари. Уникатноста на оваа соработка е во повеќе аспекти, но она што го откриваме сега е дека ќе се изведе нова музика, оркестрирана и аранжирана од Џијан Емин. Овој концепт е изненадување и за членовите на „Љубојна“, но имајќи предвид дека постојано се впуштаат во нешто ново, оваа соработка се очекуваше.

Вокалистката на бендот Вера Милошевска-Јосифовска во разговор за „Независен весник“ ни открива дел од она што ќе се случува.

Како дојдовте на идеја за концерт со Македонска филхармонија?

-Оваа идеја, која спонтано се роди и веќе подолго време струи во нас, се начна во еден разговор со Џијан Емин, со кој се познаваме многу долго време, во смисла како да организираме еден ваков концерт и како би звучела музиката на „Љубојна“ во изведба на филхармонискиот оркестар. Музиката е предизвик сам по себе, особено кога ја има многу и кога е податлива за работа.

Идејата беше да се погледне од друг аспект нашата музика. Да се „раскрши“ како концепт и да ѝ се даде нов различен правец. Деновиве често се состануваме,  преслушуваме, разговараме за темите, се договараме… За мене е голема радост да видам како „Љубојна“ звучи низ туѓите уши. Станува збор за нова музика чија комплетна оркестрација и аранжмани кои ќе ги слушнете на концертот се на Џијан Емин. Музичкото претставување и новата музичка форма овој пат целосно ги оставаме во рацете на Џијан и под негова диригентска палка. За мене е возбудлива оваа нова соработка и во исто време многу инспиративна.

Намерно сакате да го промените она што веќе го знаеме за „Љубојна“ или вие како артисти сте презаситени, па сакате да пробате нешто ново?

-Па, можеби и двете нешта. „Љубојна“ во основа следи една музичка мисла која секогаш има различно руво. Во нашиот опус има различна музика која се наоѓа на нашите девет албуми, која патувала низ повеќе созвучја. Тоа е нашата лична експресија изразена низ мојот глас, која е особено возбудливо да се слушне во едно вакво раскошно оркестарско издание. Во последниве години одеа многу „Радио Љубојна“ и „Брас фантази“ како една музичка патека која ние моравме да ја изминеме како меридијанско патување на нашата музика, еден голем циклус по кој одново како да застануваме пред нов почеток. Сакаме да направиме нешто што и нас ќе нè освои, но и публиката.

Се чини како да ја разгалувате публиката во смисла на изненадувања. Постојано имате новости на вашите концерти, без разлика дали станува збор за гостин или музичко парче… Во овој случај се нуди ново, нова музика, првпат филхармонија…

– Токму така, прв пат филхармонија и прв пат ваква ексклузивна можност за сите нас. Публиката е разновидна и секој доаѓа со различни очекувања. Но, нашиот однос кон неа е секогаш ист. Мислам дека низ годиниве имаме изградено таква доверба што публиката е подготвена на сите наши изненадувања и со душа ги очекува. Сите наши големи концерти се запознавање на публиката со нешто ново од нас. Публиката е важно да ми подаде рака и да ми дозволи јас да ја понесам на секое наше музичко патување. Споделуваме само љубов и музика, која најпрво струи во ушите, во срцата, која најпосле, ќе „легне“ и таа вечер ќе се памети по неа. Сакам кога публиката влегува во наративната форма на пејачот и сакам кога ги гледам лицата на посетителите внесени во тоа што јас го пеам.

Колку музичари ќе бидете на сцена?

-Над 70 сигурно! Ќе има неколку солисти и музичари со кои често соработуваме, а со некои од нив и првпат на таква сцена. Во таа смисла, минималистички ќе биде концептот. Но, вклучувајќи ги и музичарите на Филхармонија, сцената ќе биде навистина исполнета со музикa до последниот атом.

Концертот ќе се снима, дали е тоа најава за нов албум, ДВД или…?

-Размислуваме и во оптек се двете опции. Концертот секако ќе се снима и аудио и видео, па би било убаво да го имаме на носач, бидејќи е ексклузивен настан, единствен и уникатен по многу нешта.

Што ветувате на концертот?

-Ветуваме многу музика. Од она што јас го слушнав деновиве додека се подготвуваме, имам убаво чувство. Главно тоа е нова музика во која има и многу авторски теми и која навистина освојува. Ова е многу важен спој за мене, затоа што на музиката на „Љубојна“, која сама по себе е раскошна и отворена, ѝ дава дополнителна пространост што особено ме инспирира како пејач. И воопшто, целиот пристап е нов. Првпат работам со огромен оркестар кој има испишана и егзактна музика пред себе. Ова е нова и преубава задача за концепт кој бара и дава поинакво присуство на сцената.

Ивана Настеска

Фото: Борис Грданоски