„Вашингтон пост“: Арапските земји се плашат дека случајот со Кашоги ќе направи нестабилност

Во арапскиот свет се шират брутални шеги како што е популарната карикатура на Твитер насловена „Саудиска дипломатска чанта“ која прикажув дрвена кутија полна со пили, бормашини и длета, пишува „Вашингтон Пост“.

Во владите во регионот сепак на малкумина им е до смеење откако Саудиска Арабија и нејзиниот престолонаследник принцот Мохамед Бин Салман се соочи со можеби најсериозната закана за власта и стабилноста на кралството во последните неколку десетици години, коментира весникот.

Во текстот се потсетува дека многумина одамна се вознемирени од амбицијата и арогантноста на принцот. Други се лутат од саудиската доминација и богатство. Речиси сите се потресени во случајот со саудискиот новинар Џамал Кашоги и речиси никој не се сомнева дека тој бил убиен со одобрение на властите, а неговото тело било исечено на парчиња во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Но според регионални функционери и експерти она што најмногу ги плаши Арапите е опасноста кои тие ја гледаат за својата стабилност и безбедност во случај статусот на Саудиска Арабија и нејзините блиски врски со САД да бидат сериозно поткопани, пишува „Вашингтон Пост“.

Весникот нагласува дека додека Владата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да сфати што точно се случило со Кашоги и да одлучи како ќе реагира, стравот во регионот се зголемува. Ако Владата одлучи или Конгресот и јавното мислење извршат притисок врз неа сериозно да го преразгледа сојузот со Ријад „нашата безбедност е во опасност“ изјавил висок функционер од Персискиот залив кој побарал да остане анонимен.

Не сите арапски држави се задоволни од секој аспект на политиката на Трамп кон арапскиот свет. Повеќето ја делат антипатијата на неговата Влада кон организацијата „Муслимански браќа“. Некои се понезадоволни од други од неговите произраелски ставови, а неговите променливи односи со Турција внимателно се набљудуваат. Но со мали исклучоци ја поддржуваат решеноста на Трамп за цврсти акции против Иран откако ставот на претходниот американски претседател Барак Обама кон нивниот регионален соперник беше окарактеризиран како мек.

– За добро или за лошо Трамп ја избрал Саудска Арабија за главен собеседник на САД и водечки арапски сојузник во спротиставувањето на Иран. Со што и да се соочат во врска со принцот Мохамед, Саудиска Арабија е столб на кој се потпираат односите на Арапите со САД, изјави функционер од друга држава во регионот, пишува „Вашингтон пост“.