Васоски по двата пораза на Вардар: Тројца невоиграни стартери, импровизации, психологија…

Два пораза, пет примени гола и ниту еден постигнат е ефектот на Вардар во двете кола од пролетниот дел на сезоната во фудбалскиот шампионат на Македонија. Двата се претрпени во Тетово. Првиот од Шкендија со 0:1 во меч во кој не беше признат гол на скопските „црвено-црни“ (асистентот на Димитар Мечкаровски – Игор Стојчевски не виде дека топката со цел обем ја мина гол линијата), вториот од Ренова со 0:4 во меч во кој вардарци можеа и поубедливо да загубат.
Лошиот вовед во продолжение на првенството доаѓа по двонеделни подготовки во Аланија, Турција и финансиското освежување на фудбалери и стручниот штаб кои побаруваа неколку заостанати плати од управата. Патем се должеше и по основ на премии за историскиот пласман во групната фаза во Лига Европа иако средствата од УЕФА за таа намена од поодамна беа легнати на вардаровата сметка.
Александар Васоски со свој коментар по мечевите со Шкендија и со Ренова. Менаџерот на Вардар за „Независен весник“ истакна неколку фактори, но нагласи дека ниту еден не сака да биде сфатен како алиби оти и самите се свесни дека 180 пролетни минути беа одиграни под ниво, особено 90. против Ренова. Вината е, вели, колективна, нема поединечни обвинувања, па она што сами го уништија ќе мора сами и да го поправат.

Цел до репрезентативната пауза – девет бода

„Има неколку фактори. Првиот е дек имаме тројца нови играчи во стартниот тим што не беа со нас на подготовки. Треба да ги воиграме. Фелипе колку и да бил во клубот, сепак, Вардар има нова екипа. Работел во меѓувреме самостојно, но поинаков бил тренингот, екипата, тактичката воиграност и треба време да се воигра“, го почнува Васоски своето образложување на причините за двете лоши изданија на „црвено-црните“.
Втор фактор, како што вели, за мечот со Ренова е отсуството на четири-пет стандардни првотимци што не играа.
„Не играше Матеј Цветановски кој беше одличен на подготовките, не играа Филип Најдовски и Владица Брдаровски поради пет жолти картони, не играше Кристијан Тошевски поради повреда. Јован Попзлатанов влезе во последните 15 минути по пауза од цел месец на тренинзи. Затоа моравме да правиме страшни импровизации во составот. Но, не сакам ова да излезе како алиби. Имавме состанок, се погледнавме во очи, паднаа и некои тешки зборови меѓутоа мора да се свестиме дека ова е Вардар“, нагласи Васоски и додава дека Ренова е минато и поставена е цел за освојување на девет бода во трите меча до репрезентативната пауза што фудбалерите го прифатија како предизвик.
Третиот фактор е од психолошка природа по непризнатиот гол во дербито со Шкендија што, според Васоски, се одразил негативно и во работата меѓу двата викенда. Но, повторно потенцира дека тој момент не сака да биде примен во јавноста како алиби иако смета дека барем 10 отсто, ако не и повеќе, остави трага кај играчите.

Борбата за Европа допрва почнува

Вардаровите фудбалери се свесни за ситуацијата и ветиле подобро издание во веќе наредниот меч против Македонија Ѓорче Петров. Времето минува како и сезоната, стручнот штаб посакува што поскоро запирање на играчкиот пад и подобри резултати да не биде доведен во прашање и излезот во Европа.
„Според мене, допрва почнува борбата за Европа, настрана борбата за титула. Тука е Академија Пандев, тука е Работнички, се приклучува Шкупи. Уверен сум дека ќе ја вратиме самодовербата за што ни е потребна победа за надминување на психолошкиот момент“, коментира Васоски.
Вардаровиот изрази подготвеност и за разговор со управата, ако треба и за оставка меѓутоа, како што истакна, „по природа сум борец и не сум кукавица да ја оставам екипата по минување на, можеби, најтешките моменти со исплатата на заостанатите плати во минатите четири – пет месеци“.

Сашко Ѓ. Димовски