Вардар го победи Кристијанштад и ги задржа шансите за втората позиција

Македонскиот ракометен првак Вардар продолжува со максималниот ефект во дуелите со Кристијанштад во Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ вечерва славеа победа на гостувањето во Шведска со 32:30 што е осми триумф за нив на исто толку средби со ривалот.

Првото полувреме им припадна домаќините со 17:16. Во првата третина од вториот дел вардарци со серија од 4:0 го свртија резултатот во своја корист, а тој период на крајот се покажа како решавачки за победникот.

Најефикасен во победничкиот тим беше Данаис Криштопанс со девет погодоци.

По освоените два бода во претпоследното, 13.коло во Лигата на шампионите, Вардар го обезбеди најмалку 3.место, а ги задржа и шансите за втората позиција.

Во последното коло, Вардар на 2 март го пречекува актуелниот европски шампион Монпеље.