Вардарки со победа ја почнаа главната фаза во Лигата на шампионките

Женскиот ракометен првак на Македонија, ЖРК Вардар со победа ја започна втората, главна, фаза во Лигата на шампионките.
Вардарки вечерва пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа францускиот тим Мец со 29-23 полувреме 15-9.
Црвено-црните започнаа силно и веќе во единаесеттата минута направија четири гола предност (7-3), која ја зголемија на шест гола (15-9). Во вториот дел избраничките на Парондо рутинирано ја одржуваа, но на момент и зголемија предноста која сепак на крајот остана шест гола разлика (29-23).
Драгана Цвијиќ со седум и Андреја Пенезиќ со шест постигнати голови беа најефикасни во редовите на македонскиот шампион, за кој ова беше вкупно седмата победа сезонава во исто толку одиграни средби.
Во првиот меч од оваа група, дуелот на германските ривали му припадна на Турингер кој со 28-26 го победи Битингхајм, тим кој ќе биде следен противник на вардарки.
За утре закажан е третиот натпревар меѓу Ференцварош и Будуќност.
Табела: Вардар 10 бодови, Мец 6, Ференцварош 4, Будуќност 4, Турингер 2 и Битингхајм 2,
Пласман во четвртфиналето ќе обезбедат четирите најдобро пласирани екипи од двете групи.