Вангеловски и Панчевски на тапет на Антикорупциска

Антикорупциска комисија отвара постапки за петмина судии на кои ќе им ја проверува имотната состојба, по извештајот за човекови права на американскиот Стејт Департмент. Се отвараат предмети за претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски, експретседателот на Кривичен суд Владимир Панчевски, за бившиот прв човек на Судскиот совет, Александра Зафирова, како и за судијките Сафија Лаличиќ и Светлана Костова.

Антикорупционерите велат дека причина плус биле информациите кои кружеле во јавноста и ги поврзувале судиите со злоупотреби и коруптивни дејствија. На овој начин, според нив, тие може да дадат придонес во реформите во правосудниот систем.

По допрен глас ќе биде испитувана и имотната состојба на екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, бившиот заменик министер за надворешни работи Илија Исајловски и поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски.

Отворена ќе биде и постапка за утврдување на ризици за склучување на коруптивни договори во постапките за јавни набавки при изработка и ревизија на ДУП-овите во општина Центар.