Бујар Османи по гласањето на референдумот: Ги одредуваме правците на државата

Во мојот живот не сум имал ден во кој сум донел поголема и поважна одлука за моите деца, за моето семејство, но и за сите граѓани. Буквално и во приватниот и во деловниот живот. Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи откако гласаше на референдумот на гласачко место во ОУ „Адем Јашари“ во општина Чаир.

– Поважен ден за поважна одлука не сум имал ниту јас, ниту мислам дека мојата генерација имала поважен ден. Ден што ја одлучува иднината во најсилните контрасти на одлуката, не во нијансите за помалку добро или помалку лошо. Туку буквално денеска ги одредуваме правците на државата, на иднината, рече Османи.
Според него, граѓаните се свесни за одлуката што ја носат и денеска масовно ќе излезат од сите етнички заедници и од сите генерации.
– Денешниот ден е неповторлив. Неповторлив по можноста што ја нуди. Нема да имаме друг ден во наредните генерации кој ни нуди ваква можност да ја утврдиме иднината на генерациите кои доаѓаат во мир и во економска блгосостојба, додаде Османи.