Бугарија ги поддржа нападите во Сирија-Протести во Атина

Бугарија, која моментно претседава со ЕУ, соопшти дека нападите на САД, Франција и Велика Британија врз Сирија претставуваат одговор на воените злосторства.

– Бугарија отсекогаш го застапувала ставот дека ништо не може да го оправда убивањето на невини луѓе, вклучувајќи и деца, дека употребата на хемиско оружје е воено злосторство, а нападот врз цели во Сирија претставува одговор на воените злосторства, соопшти бугарската Влада.

Грција го осуди наводното користење на хемиско оружје и побара негово уништување.  Грчкото Министерство за надворешни работи се надева на прекин на војната и враќање на милиони бегалци во своите домови.

– Грција ја осудува употребата на хемиско оружје и ги поддржува напорите тоа да биде уништено. Истовремено, меѓународната заедница треба да се стреми кон политичко и одржливо решение во Сирија, кое ќе стави крај на војната и ќе дозволи враќање на бегалците, се наведува во соопштението на грчкото МНР.

Денеска неколку ијади луѓе протестираа во центарот на Атина поради воздушните напади на САД, Велика Британија и Франција врз Сирија.

Грчката полиција соопшти дека на протестот во организација на Комунистичка партија на Грција, учествувале од 6.000 до 7.000 луѓе.

Демонстрантите се собраа на атинскиот централен Плоштад Синтагма, а потоа се упатија кон Американската амбасада, носејќи транспаренти и извикувајќи пароли против САД, а запалија и американското знаме. Пред Амбасадата на САД со црвена боја напишаа „Американци, убијци на луѓе“, но не успеаа да фрлат боја во дворот на Амбасадата. Полицијата со возила го заштити влезот на Амбасадата. Протестот заврши без инциденти.

Врз Сирија синоќа беа истрелани повеќе од сто ракети како одговор на наводниот напад хемиско оружје во Дума.