Бруклинците „Цигаретс афтер секс“ со концерт во Скопје

Младинскиот културен центар најави тројца нови изведувачи што ќе ја дополнат сцената на осмото издание на фестивалот за нова музика „Здраво, млади“, кој ќе се одржи на 1 септември годинава.

„Во МКЦ ќе настапат членовите на добро познатите соседи ‘Репетитор’, кои во моментот се на турнеја со легендарните Канаѓани од групата ‘Аркејд фајр’, експерименталниот музичар Ерик Копеланд и еден од најсвежите бендови на светската музичка сцена во моментот – бруклинскиот амбиент-поп колектив ‘Цигаретс афтер секс’“, се наведува во соопштението.

Во својата биографија глобалниот феномен „Цигаретс афтер секс“ ги има забележано „Примавера саунд“, „Ин блум“, „Пичфорк“, „Мелт!“ и многу други светски фестивали од А-класа.

„Репетитор“ од Белград е возбудлив бенд, а тоа се докажува и со фактот дека добива покани за настап на реномирани светски фестивали, турени низ Кина, Русија и други егзотични делови од светот.

Копеланд е експериментален музичар од Бруклин и постојан член на „Блек Дајс“. Тој е дел и од дуото „Терестриал тонс“, заедно со Ави Тер од „Анимал Колектив“. Копеланд како музичар го следи неговиот пат на деконструкција создавајќи траки од исфрлени семплови, уништени „лупови“ и контролиран хаос.

Во најавата на фестивалот за нова музика „Здраво, млади“, организаторот МКЦ потсетува дека паралелно со порастот на квантитетот и квалитетот на програмата, ќе расте и цената на билетите и сега чинат 600 денари.