Бројот на загинати при нападот на воена парада во Иран се искачи на 29 лица

Во денешниот напад врз воена парада во иранскиот град Ахваз загинаа 29 луѓе, а 57 се повредени, изјави пратеникот Моџаба Золнури, член на парламентарната комисија за национална безбедност и внатрешни работи.

Според локалните медиуми, двајца напаѓачи, кои биле зад бината почнале да пукаат кон учесниците и гледачите на парадата. Потоа се обиделе да пукаат кон личностите кои биле на сцената, но тогаш биле елиминирани од силите на редот.

– Голем број цивили, меѓу кои и жени и деца кои дошле да ја гледаат парадата се меѓу жртвите на нападот, објави државната новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на неименуван функционер.

Одговорноста за нападот ја презеде и антивладината арапска организација Национално движење на Ахваз, но и Исламска држава.

Портпаролот на иранската Револуционерна гарда најави одмазда, додавајќи дека членовите на Движењето се обучувани од две арапски земји од Персискиот Залив и оти е поврзано со САД и Израел.

Претходно, ИД преку соопштение ја презеде одговорноста за нападот во Ахваз.

– Борците на ИД ја нападнаа воената парада во градот Ахваз, се наведува во соопштението на џихадистичката група.

Претседателот на Иран, Хасан Рохани денеска им нареди на безбедносните сили да ги идентификуваат одговорните за нападот во Ахваз.

Претходно, шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф истакна дека државата треба да одговори брзо и одлучно.

– Регрутирани терористи, тренирани, вооружени платеници на странски режим извршија напад во Ахваз. Иран ќе одговори брзо и одлучно, бранејќи ги животите на Иранците, напиша Зариф на Твитер.