Брегзит ќе ја чини Австрија 650 милиони евра

Повлекувањето на Велика Британија од ЕУ ќе предизвика големо оптоварување на буџетите на земјите-членки на Унијата, а само Австрија ќе ја чини околу 650 милиони евра.

Според австриските медиуми, ниту една варијанта за излез на Лондон од ЕУ нема да биде евтина за Унијата.

Најголем губитник ќе биде Велика Британија, бидејќи експертите оценуваат дека земјоделството на таа земја во наредните 15 години ќе расте за осум отсто помалку отколку Лондон да остане во ЕУ.

Велика Британија е втор по големина нето-уплатник во буџетот на ЕУ.

Во случај на „тврд“ Брегзит од април до крајот на 2020 година наеднаш ќе недостигаат 16,5 милијарди евра.

Поради тоа, Австрија ќе мора да уплати околу 500 милиони евра дополнително во буџетот на ЕУ.

Австриската Влада одбива дополнителни оптоварувања за потребите на буџетот на ЕУ.

Во Велика Британија моментално работат 250 австриски претпријатија, кои вработуваат околу 55.000 Британци, на кои, според претставникот на Стопанската комора на Австрија во Лондон, Кристијан Кесберг, нема да имаат големи оптоварувања.

Меѓутоа, некои претпријатија веќе предупредија дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ за нив ќе биде „вистинска катастрофа“.

Австриските медиуми посочуваат дека во случај на „тврд“ Брегзит, кој сега е извесен по одбивањето на договорот со ЕУ во британскиот Парламент, ќе дојде до хаос на границите, бидејќи ќе се зголемат царините.

Инаку, Австрија и Велика Британија извезуваат стока во вредност од четири милијарди евра, на што мора да се плати царина во висина од околу 150 милиони евра.