„Бојкотирам“ бара пари од Владата за кампања против референдумот

Здруженијата кои се противат на референдумот денеска побараа пари од државата за кампањата „Македонија бојкотира“. Но, и доколку Владата не обезбеди средства за овие 28 здруженија, тие ќе одвојат свои пари за пропаганда против референдумот.
– Решени сме да бојкотираме, ако Владата не даде средства ние ќе се снајдеме, но, секако очекуваме да се следи примерот на развиените демократии каде секој има еднакво право да ги промовира своите идеи, изјави Солза Грчева од Глас за Македонија.
Дел од 28-те здруженија и партии кои се против референдумот освен партијата на Грчева, се и партијата на Јанко Бачев, Љупчо Палевски и други.
Бачев, кој е претседател на Единствена Македонија, изјави дека кампањата на Владата за претстојниот референдум е целосна лага и оти не е точно дека влезот на Македонија во НАТО и ЕУ е од јавен интерес.
– Јавниот интерес на Република Македонија е да членува во меѓународни организации, но не во ЕУ и НАТО, туку во некои други. Ние, како кризен штаб бараме финансиски средства, онолку колку што Владата ќе издвои за својата кампања за референдумот, ниту денар повеќе, рече Бачев. Според него, отворена е сметка во странство на која досега се собрани 4.000 долари за кампањата на т.н. Кризен штаб на здруженијата од дијаспората.