Бошњаковски: Се трудиме да ги надминиме грешките во однос на Законот за јазиците

Владата не работи врз принцип на казни, туку во духот на соработка, кооперација, пријателство и разбирање. Постојат недоследности и грешки во однос на Законот за јазиците кои се трудиме да ги надминиме и поправиме, порача денеска на прес-конференција владиниот портпаролот Миле Бошњаковски.

Ова го кажа на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали ќе следува казна за вицепремиерот задолжен за европски прашања  Бујар Османи, бидејќи неодамна не сакал на новинарите да им одговори на македонски кога ја промовирал Агенцијата за спроведување на Законот.

Османи во понеделникот имаше состанок во Владата со претставници на Меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците и со директорот на Агенцијата за спроведување на Законот, Илбер Села при што посочи дека најголем предизвик во однос на Законот ќе биде преведувањето, бидејќи има институции со големи количини на преводи што ќе треба да се сработат на дневна основа и кои треба да бидат според највисоки стандарди.