Бошњаковски: Бараме долгорочно решение за Државниот архив

Владата бара долгорочно решение за дислокација на Државниот архив кое нема да биде на штета на буџетот, ниту пак на архивската граѓа и на оваа институција воопшто, изјави денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

На вчерашната седница министрите ја разгледаа информацијата за надминување на проблемот во Државниот архив предизвикан од поплавување на дел од просториите на Државниот архив, односно дел од канцеларискиот простор и депото.

– Информацијата предвидува можни решенија на проблемот кој е резултат на исклучително нелогични однесувања на претходната влада. Решението што ќе го донесе оваа Влада ќе биде долготрајно, во интерес на Република Македонија, во заштита на Државниот архив и на архивската граѓа, рече портпаролот Бошњаковски.

Најголем дел од архивските материјали се заштитени бидејќи тие воопшто не се преместувани од депото во старата зграда на Државниот архив.

Во врска со проблемот што го предизвикало испразнетото директорско место во Управата за водење матични книги, Бошњаковски кажа дека проблемот во следниот период ќе се реши и оти вработените во оваа државна институција ќе ги добијат своите плати, чија исплата доцни.

Управата, кажа тој, во моментов нема директор, бидејќи Ѓоко Котевски беше именуван за директор на Затворот Скопје.