Борисов: Словенечко-хрватскиот граничен спор влијае врз Западен Балкан


Бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија земја со денешната официјална церемонија и утрешниот состанок на Европската комисија во Софија, официјално го означи почетокот на шестмесеченото претседавање со Европската унија, оцени дека словенечко-хрватскиот спор за границата е „билатерално прашање, кое, за жал има влијание врз Западен Балкан и целата Унија“.

– Нема да бидат арбитер, ниту ќе делам совети, ниту пак ќе судам за тоа. Словенија и Хрватска мораат да пронајдат билатерално решение за спорот. Бидејќи, доколку таквиот конфликт остане, ќе биде пречка за европската перспектива на Западен Балкан. Искрено ќе го замолам хрватскиот премиер да покаже волја, нагласи Борисов во Брисел.

Како што јави МИА, словенечкиот весник „Дело“ објави дека претседателот на Европската комисија Жан Клод-Јункер ќе ги повика премиерите на Словенија и Хрватска, Миро Церар и Андреј Пленковиќ кон крајот на месецот во Брисел, со цел да разговараат за граничниот спор.

Весникот додава дека со средбата со Церар и Пленковиќ, Јункер сака поактивно да учествува во разрешувањето на спорот, откако Хрватска одби да ја прифати одлуката на Арбитражниот суд лани во јуни.

Со одлуката на Арбитражниот суд, Словенија доби две третини од Пиранскиот Залив и со тоа се навести крај на спорот кој трае веќе 25 години. Судот го наведе 30 декември 2017 година како датум на влегување во сила на одлуката.

Хрватска, која бара половина од таа морска територија, одбива да ја прифати одлуката, откако беше обелоденето дека официјална Љубљана одржувала тајни контакти со Арбитражниот суд.