Борисов: Коридорот 8 е приоритет на Бугарија во регионот

Лидерите и министрите за транспорт на државите од Западен Балкан на 6. и 7. следниот месец на средба со претставници на Светска банка и со Европската инвестициска банка ќе разговараат за финансирање на изградбата на железничкото поврзување на Македонија, Бугарија и Албанија на Коридорот.

Премиерите на Македонија и на Бугарија Бојко Борисов и Зоран Заев по заедничката седница на владите на двете држави во Струмица порачаа дека Коридорот 8 ќе биде приоритет за реализација кој ќе понуди многу можности за соработка и забрзување на протокот на стоки и патници.

– Една од најголемите желби е навистина од Скопје да не се патува четири пет часа, туку многу брзо, тоа да биде возможно  како алтернатива по убав автопат или по убава железница. Тоа е Коридорот 8 кој е лепеза на можности за граѓаните од целиот регион, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со Борисов.

Според Борисов, интересот да се финансира проектот е многу голем од сите затоа што гледаат дека реално може да се реализира. Тоа, потенцира,  да се случи со поголем притисок и гарантирано финансирање.

– Со колегите кои ќе дојдат ќе ги стиснеме рацете кој има потреба од финансирање да користи средства од банките и да видиме што би дала Европската комисија и буџетски средства исто така… На 6 и 7 декември ќе бидеме чекор напред, рече Борисов.

За железничката линија Скопје – Софија на територијата на Бугарија се готови проектите и, како што рече Борисов, знаат колку ќе чини. На македонска територија се уште не се обезбедени пари за третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија

Како што информира Заев, најдоцна за шест месеци треба да  се создадат услови за стапување во сила на денеска потпишаниот меморандум за намалени цени во роаминг меѓу Македонија и Бугарија,

– Според законите договорот за роаминг би се реализирал за шест месеци, но верувам во перформансите на двете држави  дека може да го направат и за три, а секако ќе бидам многу радосен дури и ако биде многу порано.  Она што треба да го очекуваат  граѓаните е дека може да се случи и за помалку од шест  месеци. Сето тоа мене многу радува  заради тоа што значи поевтина комуникација,  а кога има комуникација има и бизнис и соработка, размена на култура и  се што важи за граѓаните, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања.