Бомби на Титаник: Тодоровиќ не дава пари, пушти му инспекција!

Од осумдесетината „бомби“ кои беа објавени на денешното судско рочиште за случајот „Титаник“, односно за изборните манипиулации во 2011 и 2013 година, се слушна и како партијата ВМРО-ДПМНЕ мака мачела да обезбеди пари за финасирање на изборните кампањи.

Еден месец пред изборите во 2013 годин Миле Јанакиески и Кирил Божиновски разговараат за фирмите кои дале пари, но и за оние кои не давале. Тука се споменува Владимир Тодоровиќ, сопственикот на „Тинекс“ кој не дал пари за изборната кампања.
Божиновски му вели на Јанакиески: „Владо ништо не дал, пушти му инспекции. Нема смисла ова“.

Потоа во друг телефонски разговор соговорник на Јанакиески му дава извештај кои фирми платиле, па му вели дека „Ексико“ не дале, а од фирмата им порачале да се обратат кај, како што вели, еден висок човек. Јанакиески прашува кој е тој висок човек, на што добива одговор дека е „С.М.“
Во еден од разговорите се слуша како Јанакиевски зборува за носење на автобуси од Италија полни со луѓе за кои калкулираа дека може да донесат околу 300 гласачи во шест автобуси. Јанакиевски на соговорник кого го ословува со „куме“ му рече дека на денот на изборите „нивните“ гласаат како војска уште од сабајле. Во „бомбите“ Јанакиевски го брифираат за излезноста на изборите за кои, во една, му рекоа дека околу 95 проценти од членовите на ВМРО ДПМНЕ излегле да гласаат.

Поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и Миле Јанакиевски на денот на изборите бараат помош од еден соговорник да им заврши работа во ромското маало во Струмица додека друг, пак, му се жали на Миле дека му дошла финансиска полиција. Јанакиевски дава насока да се јават кај Сеад Кочан да му даде неколку фактури за да ја средат работата со финансиите.