Бомбите за луксузниот“мерцедес“ денеска ќе се слушаат во судница

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на СЈО, „Труст“ и „Тенк“.

На рочиштето за „Тенк“ треба да бидат слушани цедеата, како и да бидат сослушани тројца сведоци на обвинението и да се презентираат и другите материјални докази.

Во предметот „Тенк“ на СЈО обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Судско рочиште треба да се одржи и за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.