Божиновски: Не коментирам додека не ги слушнам разговорите

Прислушуваните разговори, кои деновиве новинарите ѝ ги пренесуваат на јавноста за изборните манипулации за парламентарните избори во 2011 година, го потврдуваат она во што јавноста се сомневаше со години. Поранешните високи функционери Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и другите обвинети во првиот и најобемен предмет што го отвори специјалното јавно обвинителство, Титаник“, во судница, во присуство на јавноста слушаа што разговарале пред седум години.
Груевски седи во централниот дел на обвинителната клупа, опкружен со неговите адвокати, на иста линија со него, седат Јанкулоска и Јанакиески, а зад нив се другите обвинети. Настрана од сите седи поранешниот шеф на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер.
Поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска на вчерашното рочиште ги водеа разговорите кои потврдуваат како систематски вршеле притисок за нивната партија да освои што повеќе гласови, а со тоа и пратеници на парламентарните избори во 2011 година.
Јанакиески, на 30 мај 2011 години, во еден ден се слушнал со десетици различни луѓе и на сите им давал наредби како да извршат притисок и да натераат поголем број граѓани да излезат на изборите.
Тој наредува да се затворат дуќани во циганското маало во Струмица: „Ќе им речеш ќе му ја скршам кичмата, комуњар“, „Измисли нешто, кажи дека брашното е канцерогено“, вели Јанакиески.
Јанакиески, исто така, дава насоки во Гевгелија сите вработени во администрацијата да не одат на работа сè до почетокот на изборите, односно да одат од врата на врата и да ги убедуваат граѓаните да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Тој дури му наредува на градоначалникот на Валандово да му забрани на наставник по физичко да оди на работа.
„На Ѓорѓи Митрев по физичко да му забраниш до избори да оди на работа. До недела да го нема на работа. Треба да оди од врата до врата по гласови“, наредува Миле.
Во разговорите партиски наредби добива и сегашниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, односно да ги организира партиските членови до девет часот да излезат тие да гласаат, до десет нивните роднини, а до 12 часот сите вработени. Деркоски, кој сега треба да ги организира изборите, вели дека не се сеќава дали ги исполнил наредбите на Јанакиески, кој исто така му порачува да залепи плакати за сателитската партија СДПМ, за да се збунат гласачи на СДСМ.
„Не сум чул, не сум преслушал, не сум видел како точно било тоа… Меѓутоа, можам да ви кажам дека во изминатите години сум се слушал со многу луѓе на телефон, сум зборувал, и луѓе барале од мене нешто и постоеле секакви идеи. Меѓутоа, можам да кажам одговорно дека секогаш сум постапувал согласно позитивните законски прописи. И сигурно сум постапил и тогаш кога од мене се барало можеби нешто што не е во согласност со законот“, рече Дерковски.
Ова, според него, нема да има никакво влијание врз неговата работа во ДИК.
„Кај мене воопшто нема влијание во мојата работа во ДИК, а доколку имал некој таква намера, тоа е негов проблем. Значи, на мене не може да влијае затоа што јас во текот на целиот мој работен век работам, функционирам почитувајќи ги законите на Република Македонија и ќе продолжам така, а кои се намерите не би навлегувал. Се работи за судска постапка и не е добро да коментираме“, рече Деркоски, кој тогаш беше директор на „Македонски железници – транспорт“.
Она што најмногу го изнервирало Јанакиески е тоа што анкетите на Центарот за истражување на јавното мислење на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) на Владимир Божиновски, пред изборите, покажувале дека паѓала поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.
„Ме попари. Ушите ми зујат, срцето ми тропа. Најмногу се работи таму. Ај да купев зграда во Прилеп или со ‘мерцедес’ или со џип да се возев, па да падне толку рејтингот, вака нема логика“, вели Јанакиески, кој е роден во Прилеп.
Божиновски го теши дека можеби е направена некоја грешка и дека ќе ја повтори анкетата.
„И јас се изнервирав. Сега оваа недела најјако што можете“, му вели Божиновски на Јанакиески.
По ова, Јанакиески бара совети од сопартијци како да го поправат партискиот рејтинг, па се слушаат предлози: невладина организација да му даде награда на Миле, да се најави голем проект како Прилеп 2014, да се „истураат“ масло за готвење, брашно, да се договараат „ексклузивни“ интервјуа со Миле Јанакиевски.
Тогашните анкети предвидувале дека на изборите ВМРО-ДПМНЕ би добила 52,53 пратеници, а партијата доби уште повеќе пратеници, односно 56.
Владимир Божиновски во телефонски разговор вели дека не може да коментира нешто што не слушнал и за што нема потврда дека токму тој разговарал по телефон со Јанакиески. Сегашната владејачка партија овие разговори веднаш ги дочека како потврда за манипулациите што се правеле со анкетите.
„Анкетите на Божиновски биле нарачани по принципот ‘ало Миле’, што е уште една потврда дека анкетите на Институтот за демократија се лажни и единствено во функција на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ не може да функционира во фер и демократски услови, за нив е важен единствено партискиот интерес и одбрана на криминалот. Граѓаните го поразија режимот. ВМРО ДПМНЕ и ваквото однесување се минато“, велат од СДСМ.
Државни ресурси се трошеле за партиски цели, пред избори бил потрошен цел бензин во МВР, па инспекторите оделе на увид пеш или со приватни автомобили.
„Бензин нема нигде. Сè што имавме, потрошивме. А зошто немаат, во избориве потрошивме многу. Не само во Струмица, туку насекаде. По 20 литри на полициска станица им даваме и нема. Штедиме, испотрошивме сè, кај да им најдам бензин на Струмица. Инспекторите на увид одат пеш или со приватни автомобили“, му се жали обвинетата ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на вицепремиерот Зоран Ставрески во продолжение.
Непосредно пред изборите Протуѓер ја информира Јанкулоска како стои поддршката за ВМРО-ДПМНЕ на терен и триумфално вели „„Ќе ги згазиме! А, ноќта на петти, ќе им се мочам во уста на А1!“, вели Протуѓер.
Вечерта кога ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата на овие избори беше убиен Мартин Нешкоски, следниот ден беше уапсен поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, а „А1 телевизија“ беше затворена.
Следното рочиште е закажано на 12 септември. (Ф.Ф.С.)