Болните од хемофилија А и Б стравуваат дека ќе останат без терапија


Болните во Македонија и натаму се соочуваат со недостиг од лекови. Болните од хемофилија А и Б стравуваат дека периодот што следи ќе се соочат со уште поголема криза бидејќи во земјава нередовно се врши снабдување со терапијата што им е неопходна, како што се факторот за коагулација на крвта. Причина што нема лекови за овие болести, според претседателка на Здружението на хемофиличари Лилјана Рајчевска, е тоа што доцни распишувањето на тендерот од страна на Министерството за здравство, што го доведува до опасност животот на овие пациенти. Според Центарот за хемофилија, во Македонија има над триста граѓани болни од хемофилија А и Б.
„Има рестрикција на лекови, се дава само кога мора. Пациентите со хемофилија А и Б наскоро можат да бидат во целосен колапс, немаат фактор, затоа што доцни тендерот што годинава го распишува Министерството за здравство. Техничкиот дијалог за хемофилија бил на 21 јули, поминатите се повеќе од три недели, а тендер нема. Сите веледрогерии кои носат од факторот за коагулација се јавуваат“, а само три имаат дадено приговор“, вели Рајчевска.
Весна Алексовска од Здружението на лица со ретки болести „Живот со предизвици“ вели дека критично досега било што го немало лекот за фамилијална амилоидна полиневропатија, болест која брзо напредува ако лекот не се прима секојдневно. Додава дека тендерот за ретки болести само што завршил, се потпишале договорите и сега се чекаат нарачките за конечно да се добијат лековите за ретките болести.
„Недостигот на лекови се покриваа преку итни тендерски набавки. Иако постоеше вакуум-период, недостигаа лекови за некои ретки болести од недела до две. Она што ни беше критично, беа новите лекови кои беа ставени на тендер за новорегистрираните пациенти и болести. Тие пациенти сега ќе ги чекаат своите лекови. Критично е за болеста фамилијална амилоидна полиневропатија, која брзо напредува ако лекот не се прими во одредена фаза од болеста и задоцнетиот лек не дејствува. Инаку, континуирано сме во контакт со Министерството за здравство, разговараме за воведување на нови лекови“, посочува Алексовска.
Граѓаните, исто така, реагираат дека во аптеките често и со месеци не можат да го најдат потребниот лек, за кој лекарите им препишале терапија.
„Нема ‘усофалк’, го барам, но залудно, фармацевтите ми велат дека воопшто не се доставува веќе три месеци“, вели една граѓанка. Од Фондот за здравствено осигурување, пак, тврдат дека има аптеки каде што го има овој лек.
Бојан Киров од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија подвлекува дека инсулинските аптеки се снабдени, проблем имало околу краткиот рок на истекување на одредена група на инсулини, како што се инсулинските патрони.
„Очекуваме со новиот тендер инсулините да се дистрибуираат редовно и датумот да биде законски испочитуван, односно инсулините ќе имаа подолги рокови на траење“, рече Киров.
Од Министерството за здравство соопштија дека вчера ја почнале постапката за јавна набавка на инсулин „глукагон“, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, за периодот септември 2018 – септември 2020 година. Посочуваат дека постапката и процедурите се соодветно испланирани, согласно бројот и потребите на пациентите.
„Согласно побарувањата во тендерската документација, првпат по шест години во Македонија се очекуваат нови лекови за дијабетес, како што се инсулини и ампуларна терапија. Во целиот процес беше вклучена и Националната комисија за дијабетес.
Заинтересираните економски оператори потребно е да внимаваат во подготовка на тендерската документација, посебно во делот на поднесување сертификати за квалитет на готов лек и одобрение за ставање лек во промет, наведени во техничките спецификации од тендерската документација. Потенцираме дека до завршување на постапката за јавна набавка, инсулин има во доволни количини во сите инсулински аптеки“, подвлекоа од Министерството за здравство.
 
Вероника Мароска-Леова