„Блумберг“: Трамп и Ким ќе се сретнат во Виетнам

САД– Функционери од американската администрација планираат вториот самит на претседателот на САД Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг –ун да се одржи во Виетнам, информира Блумберг, повикувајќи се на неименувани извори упатени во плановите за средбата.

Самитот, кој е планиран за февруари, веројатно ќе се одржи во Ханој, главниот град на Виетнам, но како можна локација за најавената средба се разгледува и Дананг, каде во 2017 година беше одржан состанок на земјите учеснички на форумот за азиско-пацифичка економска соработка, како и градот Хо Ши Мин во јужниот дел на земјата, наведува американската агенција.

Трамп во саботата вечер изјави дека „работите со Северна Кореја одат многу добро“ и оти планира да одржи и втор самит со лидерот на земјата Ким Џонг-ун, на кој ќе се направат обиди да се обезбеди договор со кој Северна Кореја ќе се поттикне да се откаже од нуклеарното оружје.