„Билд“: Венгер подготвен да го преземе Баерн

Германскиот весник „Билд“ објави дека се поверојатна е промена на тренерската позиција во Баерн Минхен, при што Баварците сериозно ја разгледуваат можноста за отпуштање на сегашниот тренер Нико Ковач и ангажирање на Арсен Венгер.
„Дејли телеграф“, пак, повикувајќи се на извори блиски до францускиот стратег тврди дека Венгер е „подготвен да го прифати предизвикот да оди на „Алијанц“ арената, за да се закити со трофеј на крајот од кариерата“.
Голема предност на Венгер во однос на сите можни други опции за оваа позиција е тоа што тој зборува добро германски јазик и нема да има јазична бариера со тимот. Официјалната понуда се очекува да дојде на почетокот од декември, до кога Ковач има време да ги стабилизира резултатите на Баерн.
Според медиумите, следниот кикс на германскиот шампиони, без разлика во кое натпреварување ќе се случи, ќе биде последен меч за хрватскиот тренер на клупата на Баерн и тој ќе добие отказ.
Венгер најави дека сака да се одмори до Нова Година, но тој веројатно ќе ги смени своите планови ако добие официјална понуда од гигантот од Минхен.