Бизнисот и државата се разиода за даночната реформа
Се вжештува дебатата помеѓу Владата и бизнисмените за даночната реформа во државата. Новите даноци, кои треба да се воведат од 2019 година, наидоа на силен отпор кај бизнисмените кои порачаа на Владата дека не смее да има зголемување на персоналецот на повисоки плати и на данокот на добивка.
Даночните експерти, пак, се категорични дека даноците мора да се зголемуваат. Ако не кај персоналецот на оние со поголеми плати, тогаш на профитите на компаниите. Сметаат дека даночната реформа треба да се спроведе веднаш, а не од 2019 година. Македонија собира премалку пари од даноци, за што дополнително мора да се најдат нови начини на финансирање.
– Тој што плаќа му е премногу, а тој што зема му е премалку. Факт е дека ние во однос на бруто-домашниот производ собираме премалку пари од даноци. На крајот не можеме да имаме и добро здравство, и добро образование, и чист воздух, и закрпени улици, а да не плаќаме ништо. Државата во секој случај мора да најде дополнителни извори на финансирање бидејќи ова што сега го собираме е премалку. Дали тоа ќе биде преку зголемување на персоналниот данок на доход или преку зголемување на данокот на добивка кај компаниите, извори мора да се најдат – вели даночниот експерт Павле Гацов.
Според него, тие што имаат високи плати во Македонија се многу малку, така што решението треба да се бара во собирање даноци од повеќе извори.
– За да имаме поголем прилив на пари од даноци, тогаш треба да се зафати од нивниот профит и тоа да биде решение – смета Гацов.
Гацов вели дека грешка на новата влада е тоа што даночната реформа ја одложи за 2019 година бидејќи промената на даночната политика беше во нивната предизборна програма, која и ги донесе на власт.
– Правичното оданочување е одлика на модерни земји и не е нешто што е непознато. Некои земји што имаа рамен данок го напуштија. Партијата што сега е на власт кажа во својата предизборна програма дека ќе го напушти рамниот данок, а откако граѓаните ги избраа, треба да работи на решение – потенцира Гацов.
Менаџерите силно се спротивставија на планот на Владата да се зголеми персоналниот данок на доход кај оние со поголеми примања, како и да се зголеми данокот на капитална добивка.
– Најдобро е да нема измени. Аргументи за тоа се дека на тој начин се наградуваат просечните, а бизнисот и успешните поединци ќе се иселуваат надвор, парите ќе се лоцираат во странство, ќе се случи одлив на кадар и ќе се зголеми даночната евазија – сметаат од Асоцијацијата на менаџери на Македонија. Притоа, не објаснуваат како досега со рамниот данок кој го поддржуваат и со актуелните одвојувања од персоналецот имаше масовно иселување кадри од земјата, селење на парите во странство и даночна евазија, на што сега предупредуваат.
Маријана Андриќ, од Асоцијацијата, смета дека во овој момент не треба да се менува стапката на персоналниот данок и порача да се оди во друг правец, односно да не се смета платата од над 60.000 денари за луксуз и за неа да се плаќа повисоката стапка. Без оглед што според статистиката оваа плата е далеку над просечните примања во Македонија и е ретка привилегија, т.е. само за 14.000 вработени.
Министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, смета дека за да има праведно општество неопходно е да има даночни реформи.
– Македонија има една од највисоките стапки на нееднаквост на доходот во Европа. Нашите решенија за праведно оданочувања се умерени. Зборуваме за воведување даночни стапки што ќе зафаќаат два процента од граѓаните, за сите останати останува стапката на оданочување од 10 проценти – потенцира Тевдовски.
Пролонгирањето на најавената даночна реформа, според Министерството за финансии, се должи на тоа што сега фокусот е на подобрување на наплатата на даноците и на намалување на даночната евазија.
Промените во даночниот систем, кои беа најавени во предизборната програма на СДСМ, беа: воведување поправеден персонален данок на доход со две стапки (10 и 18 отсто), што ќе содржи и враќање на платениот персонален данок на доход за граѓаните што имаат многу ниски месечни лични доходи, потоа укинување на максималната горна граница за плаќање придонеси на плата, со цел да се отстрани регресивното даночно оптоварување на платите, повисок данок на имот за најбогатите, посилно оданочување на луксузот, враќање на дел од ДДВ за секој граѓанин и низа други.
Од Владата најавија дека сите реформи ќе ги спроведуваат транспарентно и со вклученост на јавноста. Предвидено е до крајот на годината да биде отворена јавна дебата за персоналниот данок на доход со бизнисмените и граѓаните.