Беџети: Ќе ги одбиеме барањата за легализација на дивоградбите

Општина Сарај ќе ги одбие барањата за легализација на трите бесправно изградени платформи на Матка, но нема веднаш да ги урива туку ќе чека да завршат сите законски преоцедури по што ќе се донесе конечната одлука. Постапката за легализација не е законски ограничена, па оттаму и опасноста целиот проблем со дивоградбите да се одолговлекува во недоглед.
„Подносителите на барањата за легализација ќе имаат право на жалба до второстепената комисија при Министерството за транспорт и врски, а потоа може да отворат и административен спор. Ние сакаме да постапиме како што налагаат законите“, изјави градоначалникот Блерим Беџети откако вчера од Антикорупциската комисија најавија дека ќе отворат предмет за случајот со дивоградбите на Матка, бидејќи сите институции се прогласиле за ненадлежни.
Состојбата со Матка, Беџети ја оцени како хаотична. Тој има сомнеж дека Градот Скопје сака да му ги одземе ингеренциите. Проблемите, како што рече, почнале откако телефонски бил известен дека Градот планира да формира Јавно претпријатие за управување со Матка. (Н.К)