„Бернајс пропаганда“ со два концерта во МКЦ: Се изморивме од слугите на големиот капитал

„Бернајс пропаганда“ викендов ќе има два концерти во Младинскиот културен центар на 22 и 23 февруари. Станува збор за концертни настапи каде што ќе се свират песните на речиси сите музички состави во кои учествува Васко Атанасоски. По двегодишна апстиненција од концерти, публиката ќе може да ужива во нумерите на „Хахаха“, „My tear“, „21 век“. Планирани се 33 песни во 150-минутен концерт, како и диџеј-сет.
„Искрено, концертите на 22 и 23 февруари ќе бидат наши последни на подолго време, ако не и последни што некогаш ќе ги отсвириме! Едноставно, немаме повеќе сила да го работиме ова на високото ниво кое самите го наметнавме, а и изморени сме од 13-годишната борба со културната мафија и слугите на големиот капитал. Иако дадовме сè од себе да не се случи ова, едноставно го признаваме поразот и силата ја чуваме за нашите последни настапи!“, се вели во една од најавите.
Бендот „Бернајс пропаганда“ неодамна се врати во Скопје по балканската турнеја.
Влезниците за двата концерти може да се набават по цена од 300 денари онлајн преку „Купи карти за сè“, „МК-тикетс“ или на билетарницата на МКЦ и во „Југотон3. На врата ќе чинат 500 денари.