Белите кошули на македонските политичари: Заев, Димитров, Мицкоски…

Белата кошула е најдобриот пријател или непријател на македонските политичари. Многу кажува, но и премолчува, истакнува, но и покрива. Иако на прв поглед се чини дека е обично парче облека, тоа воопшто не е така. Кај мажите може да биде и здодевна, но ако не ја менувате секој ден, веднаш се забележува. Белата кошула е моден класик, ако изберете во друга нијанса, може да ве погледнат под око.

Белата кошула е секогаш добар избор како за формални така и за полежерни модни комбинации и со малку имагинација за момент може да го освежи целиот изглед и да дејствува ефектно, без разлика дали се работи за свечен, деловен, класичен или спортски стил.

Таа не се плаши од трендовите, ниту, пак, од минимализмот, секогаш се комбинира лесно со сите бои и парчиња облека и модни додатоци, многу се мали шансите дека ќе го напушти машкиот гардеробер.

Белата кошула е најдобар избор за оние денови кога немате или не знаете што да ставите на себе. Тогаш, токму ова парче облека ве спасува бидејќи може да се комбинира на многу начини и секогаш ви дава доза на елеганција со костум, но и во фармерки – кога дрес-кодот налага така.

Политичарите треба да ги имаат десетина во плакарот, со различни видови јаки, совршено испеглани, без остар раб на средина на ракавите. Со украсни манжетни, или обично закопчување – тоа ги разликува политичарите и нивниот софистициран вкус во однос на стилот.

Стилскиот потенцијал на белата кошула кај мажите не е  бесконечен како кај жените. Ама тоа што ова парче важи за безвременско е дополнителна причина да не се двоумите да инвестирате во квалитетна бела кошула, што ќе може да ја комбинирате во секоја прилика.

Белата кошула, за жал, ја открива и вашата топ-форма. Ако сте позаоблени, не можете да носите струкирани модели, а и веднаш ви го оцртува стомакот.

Затоа, политичарите треба да внимаваат во официјалните пригоди. Да избираат бели кошули со нормален крој или да го закопчуваат сакото ако не се сигурни во својот изглед.

Покрај класичниот крој, белата кошула добива различни модифицирани верзии, од минималистички и ненаметливи до драматични и артистични.

Лејла Сабит  Фото: Борис Грданоски