Бектеши ќе ја премислува косовската влада за царините

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Приштина треба да се сретне со косовскиот колега Бајрам Хасани. На средбата ќе се разговара за зголемените царини на овошјето и зеленчукот што Косово ги воведе на 18 јули годинава.

Бектеши пред два дена преку писмено соопштение изјави дека очекува средбата да резултира со решение од заемен интерес за двете страни.

– Уверен сум дека имаме заедничка цел, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на ЦЕФТА Договорот и принципите на слободна трговија, рече Бектеши.

Косовската Влада на 24 јули донесе одлука за делумно повлекување на времената мерка, но со неа останаа опфатени доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето, на кои отпаѓа најголемиот дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар.

Македонија, како што соопшти вчера Министерството за земјоделство, засега не планира воведување контра – мерки, но очекува Косово целосно да ги укине зголемените царини.

Завчера во Белград состанок одржаа ресорните министри од регионот. Заедничка беше пораката Косово да ја повлече одлуката зашто е спротивна на ЦЕФТА Договорот и на принципите за слободна трговија, а ако тоа не се случи, секоја земја, согласно своите политики, да реагира соодветно.