Безвремената мода на Росица Мршиќ

Публиката ги исчекува нејзините ревии, организаторите ја бараат за Модни викенди, елитата се тепа за првиот ред, а манекенките посакуваат да ги носат нејзините модели. Самозатајната креаторка Росица Мршиќ, дипломец на Факултетот за визуелна уметност и дизајн во Утрехт, Холандија, која ретко ќе ја сретнете на јавни настани,  дозирано не послужува со безвременска мода, иако нејзиното модно студио нон-стоп работи со полна пареа. Синоќа, за 8-годишниот јубилеј, кај неа на гости, тоа беа “макаронси“ во црна, бела и зелена боја, кои ги вкусуваа згодни и успешни жени од јавниот живот во Македонија.

Новата модна колекција “Мјуз“ за есен/зима 2017 нема артистичка леснотија, туку длабоко разработени кроеви со чисти и строги линии што го истакнуваат изгледот и интензитетот на облеката. Едноставни кроеви се во основата  на колекцијата, но тие се дополнети со плисирани и рачно изработени детаљи. Топлите зелени тонови се употребени за надградување и се преплетуваат со основната  црна и контрасната бела боја.

Еколошките крзна во централно користените бои во колекцијата го нагласуваат зимскиот карактер на парчињата, а брокатот и други декорирани ткаенини се употребени за да се овозможи   комбинација на парчињата за постигнување  вечерен изглед. Колекцијата е наменета за продажба на домашниот и странскиот пазар. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски