Бебе Реџа на „Греми 2019“: Дизајнерите велат дека сум дебела, а јас носам број 40

САД– Кантавторката Бебе Реџа (29) првпат ќе присуствува како номинирана за две награди на 61. награди „Греми“ – во категориите нов изведувач и кантри-дуо. За неа ова претставува остварување на сонот, а истовремено подготовките ѝ се претворија во кошмар.

Во видеото што го објави на социјалните мрежи, таа револтирано изјави дека ниту еден од големите дизајнери на кои им се обратила, не сака да ѝ направи фустан за пригодата. Зашто носи гардероба со конфекциски број од 6 до 8, сметале дека е „преголема“ за нив.

„Ако тоа е преголемо, тогаш не знам што да кажам. Веќе не ни сакам да ги облечам вашите фустани. Лудост е да кажувате дека сите жени во светот што се моја големина или покрупни, всушност, не се убави и не можат да ги носат. Одете по ѓаволите сите вие што ме нарековте дебела и ме одбивте за фустан. Не сакам ништо од вас!“

Охрабрете ги жените да ги сакаат своите тела, наместо да правите девојките да се чувствуваат помалку вредни поради конфекциските броеви. Ние сме убави во сите величини. Мали и големи. И, за крај, мојот задник – осмица сепак ќе оди на ‘Греми’. Сакајте се сите!“, напиша Реџа на социјалните мрежи.

Признанието на Бебе Реџа наиде на лавина од реакции. Дел од фановите побараа да ги открие имињата на дизајнерите за веќе никогаш да не купуваат од нив. Други, пак, ѝ се заблагодарија што јавно се стави во одбрана на дамите со облини. А, има и такви што се понудија тие да ѝ обезбедат тоалета за црвениот тепих.

Родена во Њујорк, Реџа е ќерка на албански емигрант од Дебар и на Американка со потекло од Гостивар. Пробивањето на поп-сцената го започнала во 2003 година. Најпрвин се прославила со пишување песни за другите изведувачи како „Монстер“, во изведба на Ријана и Еминем, а подоцна соработувала со славни изведувачи како Ники Минаж, Дејвид Гета, Иги Азалеја, Ник Џонас и Селена Гомез. На соло-кариерата ѝ се посвети во 2017 година и трудот ѝ се исплатеше.

Поп-ѕвездата и добитничка на 15 „Греми“, Алиша Киз (37), ќе биде домаќинка на 61. награди „Греми“ кои ќе се доделат на 10 февруари во центарот „Стејпл“ во Лос Анџелес. Првпат во 14 години една жена ќе се најде во оваа улога.

Раперот Кедрик Ламар има најмногу, осум номинации. Најмногу номинации добија претставниците на хип-хоп музиката, од каде што доаѓаат пет од шесте најмногу номинирани артисти.

Ламар е очекувано номиниран зашто беше активен на неколку полиња, соработуваше со артисти од неколку жанрови и беше задолжен за музиката на филмот „Black Panther“.

Песната „All of the Stars“ е номинирана за песна на годината и снимка на годината. Разликата помеѓу двете категории е во тоа што во првата категорија се наградува авторот на песната, додека во втората се наградува изведувачот. Во конкуренција за двете награди се уште и „The Middle“ на Зед и Марен Морис, „Shallow“ на Лејди Гага и Бредли Купер, „God’s Plan“ на Дрејк и „The Joke“ на Карлајл.

Дрејк е номиниран и за албум на годината за неговиот „Scorpion“, а помеѓу номинираните се и „H.E.R“ на ХЕР, „Beerbongs and Bentley“ на Пост Малоун, „Dirty Computer“ на Жанел Моне, „Golden Hour“ на Кејси Масгрејвс, како и саундтракот на „Black Panther“.

Помеѓу номинираните за најдобар нов изведувач, покрај Бебе, се најдоа Дуа Липа, Џорџа Смит, Грета Ван Флит, Марго Прајс, Х.Е.Р., Лук Комбс и сестрите Клои и Хејл.