Барди: Ќе дадеме максимум за Македонија да напредува

Македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди очекува добри подготовки за претстојните контролни натпревари во Турција, воигрување на националниот тим, се во насока на пласман на Европското првенство преку настапите во Лигата на нации.

„Се подготвуваме за нашата најважна работа оваа година, а тоа се натпреварите што можат да ни донесат пласман на Европско првенство. Мораме да бидеме на високо ниво, ни следуваат два контролни натпревари, но за нас не се обични пријателски дуели, туку начин за што подобро да се подготвиме и тактички и технички за важните натпревари кои ни следуваат. Ќе дадеме се од себе оваа репрезентација да напредува низ дуелите во Лигата на нации“, изјави Барди за интернет страницата на ФФМ.

Македонија ја очекуваат пријателски средби со Финска на 23 март  и со Азербејџан четири дена подоцна што ќе се одиграат во турскиот туристички центар Анталија.

Со пристигнувањето во Анталија на капитенот Горан Пандев (Џенова), потоа Стефан Ристовски (Спортинг Лисабон), Езџан Алиоски (Лидс јунајтед) и голманот Столе Димитриевски (Тарагона) ќе се комплетира  репрезентацијата, а првиот тренинг селекторот Игор Ангеловски го закажа за 16 часот по македонско време во спортскиот центар „Глорија“ во Белек.