Банката на Грција бара нова програма за заштита на земјата

Грција и нејзините кредитори треба да одлучат дали и под кои услови ќе има „програма за заштита на земјата“ по завршувањето на тековната програма за спас на земјата во август во 2018 година, оценува централната Банка на Грција во својот извештај објавен денеска.

Во него се наведува дека за зајакнување на довербата на среден рок неопходно е да се разјасни формата на поддршка за грчката економија по истекот на тековната програма за спас.

Централната банка посочува дека остануваат одредени ризици за економијата и за банкарскиот систем, како што се нефункционалните банкарски кредити, забрзувањето на реформите и приватизацијата и прашањето за државниот долг.

Банката на Грција ја повика владата да продолжи со спроведување на реформите на програмата за спас без одложување и навремено, со цел да се финализира последната ревизија на договорот за помош.

Според централната банка, грчката економија се очекува годинава да има раст од 1,6 проценти, 2,4 проценти во 2018 и 2,5 отсто во текот на 2019 година.