Бабата не дозволувала да се чистат валканите пелени

Нема никакви информации од институциите што се случува со семејството во чиј стан беа најдени валканите пелени, поради кои беше евакуирана цел влез од зграда. Полицијата разговарала со шеесет и петгодишната жена во чија сопственост е станот и нејзиниот деветнаесетгодишен внук кој се нашле тогаш на лице место, веднаш кога биле откриени пелените.

Шеесет и пегодишната жена која од месец јануари ги чувала валканите пелени на својата деведесетгодишна почината мајка, рекла дека не ги чистела пелените бидејќи не излегувала надвор, била болна, односно немоќна, а нејзиниот внук рекол дека пелените биле оставани оти баба му не дозволувала да се чисти и да се помага.

Бабата примала пензија која ја наследила од својот починат сопруг. По инцидентот во јавноста излегоа информации дека во станот живеело уште едно малолетно дете. Потоа таткото на децата преку медиумите ја обвини мајката дека ги оставила со баба им и заминала да живее со друг маж.

Основното јавно обвинителство оформи предмет за да провери дали детето кое живеело во станот со неговата баба го запоставиле родителите. Обвинителството издаде наредба до СВР Скопје да ги направи сите проверки со родителите на детето и побара од Центарот за социјални работи на Град Скопје да формира стручен тим, кој ќе изготви детален извештај за семејството во кое живее детето. Тимот ќе треба да провери дали семејството до сега било пријавувано во Центарот, дали било интервенирано од нивна страна и дали има пропусти во грижата на родителите за развојот на детето.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека досега не примиле никакво барање од Основното јавно обвинителство и дека ќе постапат во моментот кога ќе го добијат. Други детали за тоа дали тие преземаат некакви активности не соопштуваат.

Бизарниот инцидент се случи минатата недела кога непријатен мирис кој се ширеше во влез во трговскиот центар Скопјанка ги евакуираше станарите. По неколку часа беше активирана и војската која утврди дека миризбата доаѓала од стан во влезот каде беа најдени купишта валкани пелени со измет и урина. (Ф.Ф.С.)