Ахмети: Препораката е очекуван успех, претстои уште работа

За лидерот на ДУИ Али Ахмети, оценките од Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија не биле неочекуван успех, но тоа, како што изјави по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, сега не треба да не успие туку треба сите да дадат поголем придонес за почнување на преговори со Унијата.

Пред нас, потсети Ахмети, се значајни реформи како оние во судството, борбата со криминалот и корупцијата и воопшто имплементација на сите препораки за да може да ги почнеме разговорите што поскоро. Смета дека не само партиите и Владата, туку целото општество треба да биде поактивно и да се залага за исполнување на овие цели. Ова, според него, меѓу другото е успех и на опозицијата.

– Сметам дека со климата што ја имаме создадено и со комуникацијата меѓу власта и опозицијата дека работите ќе земат правилен тек и дека оваа клима што се изгради никако не треба да се наруши. Напротив да дадеме придонес за уште подобра клима за соработка затоа што тоа ќе биде од полза на нашата земја и опозицијата би било добро да даде придонес, рече Ахмети.

Во однос на спорот за името вели дека е многу чуствително прашање за кое не би сакал да дебатира на прес-конференции особено што разговорите се во полн ек.

– Сите ние очекуваме да има позитивен епилог. Да се постигне компромис што ќе биде прифатлив од сите нас, рече лидерот на ДУИ.

Ахмети не одговори дали ДУИ ќе отстапи од своите ресори за сметка на Беса, чии две крила преговараат со премиерот Зоран Заев за влез во Владата.

– Тоа се разговори меѓу политичките партии. Со тек на времето ќе видиме како ќе менаџираме, кажа Ахмети.

Во врска со законот за јазиците, кој е усвоен, но претседателот Ѓорге Иванов одбива да го потпише, Ахмети вели: „прашање е на време, како ќе успееме да го објавиме во Службен весник“.

Лидерот на ДУИ не сакаше да ги коментира обвинувањата дека членови и функционери на неговата партија се вмешани во случајот „Монструм“ и упати на Судот.

– Немам информации затоа што не сум дел од тој процес и тие објаснувања би требало да ги побарате таму каде што се одвива самиот судски процес, рече Ахмети.

Запрашан за функционерите на ДУИ кои се споменуваат за злоупотреби на средства од буџетот, Ахмети побара од медиумите да ги демаскираат со име и презиме пред обвинителството.

– Ако има во рамките на ДУИ функционери кои ја злоупотребуваат довербата и ги злоупотребуваат средствата на граѓаните ве молам да ги демаскирате со име и презиме и со факти пред органите на правдата, во обвинителството. Јас не не сум обвинител, јас сум политичка партија која е заинтересирана работите да одат во правилен тек. Прашања кои се против интересите на граѓаните и на Република Македонија треба да добијат заслужена казна, не само тие што се на јавни функции туку кој било, рече Ахмети по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан.