Атина го чека гласањето во Скопје


Грција- Во пресрет на последното гласање на уставните измени во македонското Собрание и на чекор пред Договорот од Преспа да помине на грчки терен, во Грција се вжештува политичката клима.

Сите знаци водат кон тоа дека коалиционите партнери во владата се пред разделување, а иако се споменуваше за вчера, сепак според грчките медиуми, Алексис Ципрас и Панос Каменос ќе одржат средба во петок.

Претседателот на Независни Грци, министер за одбрана на Грција и коалициониот партнер во владата, за денес закажа  состаноци на парламентарната група и на извршниот комитет на партијата.

И сето ова на ден пред посетата на Ангела Меркел на Атина. Германската канцеларка во четврток и петок ќе оствари средби со грчкиот државен врв. Утре попладне ќе биде примена од премиерот на Грција, Алексис Ципрас, а во петок наутро од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос.

Меркел, ќе се сретне и со лидерот на Нова демократија, а портпаролката на грчката опозициска партија, Мариа Спираки, вели дека Мицотакис на германската канцеларка ќе ѝ ја повтори позицијата на неговата партија во однос на Договорот од Преспа.

-Госпоѓата Меркел ги знае позициите на Нова демократија за прашањето за Скопје и господинот Мицотакис ќе ги повтори овие позиции на средбата што ќе ја имаат: Нова демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во актуелниот, ниту во следниот парламент во кој ќе има мнозинство. Мислам дека е јасно дека господинот Мицотакис она што го кажува јавно го кажува и на средбите, рече Спираки на вчерашниот брифинг со новинарите.

Портпаролката на Нова демократија, истакна дека актуелната грчка влада, штом Панос Каменос си замине, тогаш ќе треба да побара доверба од парламентот.

-Господинот Ципрас, се чини дека на политичкиот секретаријат на СИРИЗА рече дека дури и да си заминат Независни Грци од владата, постои ново мнозинство од барем 151 пратеник. Го повикуваме, денес, да им каже на граѓаните кои се овие подготвени пратеници од другите партии што сега се во опозиција. И исто така да нѐ извести со кои мотиви овие пратеници, 4 години подоцна изразуваат подготвеност да ја поддржат владата, рече портпаролката на Нова демократија, барајќи одговор од грчкиот премиер.

Од кабинетот на Алексис Ципрас го повикаа лидерот на Нова демократија да достави предлог за гласање недоверба на владата.

-Лицемерието на Нова демократија која веќе 3 години бара избори и сега обвинува наводна неизвесност, ги поминува сите граници. Во секој случај, госпоѓа Спираки може да ги реши сите нејзини дилеми ако нејзиниот лидер, господинот Мицотакис е подготвен да ја спроведе неговата закана што ја врти толку време.  Да достави предлог за гласање недоверба и во парламентот да се покаже неговата сила, коментираа од кабинетот на грчкиот премиер.

По сценаријата и шпекулациите во Грција, како во однос на ратификацијата на Договорот од Преспа, така и во однос на евентуалното гласање доверба на грчката влада, од партијата Река, преку соопштение рекоа дека го поддржуваат договорот, но не и актуелната грчка влада.ж

-Река уште од формирањето во 2014 е за сложено име за ПЈРМ со географска одредница за сите употреби. Одолговлекувањето на проблемот со децении е на штета на Грција, како што сведочи признавањето на соседната земја под името „Македонија“ од над 140 држави. Особено во сегашните околности, ја поддржуваме интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, бидејќи тоа ќе придонесе за развојот и стабилноста на регионот. Од истите причини, позитивни сме за влезот на ПЈРМ во НАТО. Треба веднаш да ги затвориме фронтовите на нашите северни граници и со поддршка на нашите сојузници да се справиме со опасностите од исток. Ова е интересот на нашата татковина, соопштија од Река.

Во однос на евентуалната поддршка на владата, од партијата потенцираа дека нема да ѝ дадат глас за доверба затоа што се опозиција и тоа нема да се смени и повторуваат дека „ако Независни Грци се повлечат од владиното мнозинство, тогаш земјата треба да оди на избори“.

Договорот од Преспа била една од темите за кои разговарале алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос и американскиот амбасадор Џефри Пајат на нивната средба во Министерството за надворешни работи на Грција, според грчката новинска агенција АНА-МПА.