Арсенал е тим во најдобра форма во Европа

Претставувањето на Арсенал против Лестер синоќа беше неверојатно. Тимот победи со 3:1 по фасцинантен фудбал во вториот дел, со што се етаблира како тимот кој е во најсилна форма во сите Топ 5 првенства на Стариот континент.

По лошиот почеток (два порази во првите два круга) на новиот менаџер Унаи Емери, „топџиите“ се вратија фуриозно и се меѓу најголемите фаворити за првите места.

Во моментов Арсенал е во серија од 10 последователни победи во сите натпреварувања – седум во Премиер лигата, две во Лига Европа и една во Лига Купот.

Слична серија имаше и Јувентус пред последниот викенд во Серија „А“, но „Старата Дама“ не успеа да ја задржи предноста против Џенова дома и одигра 1:1, што го чинеше тимот 11-ти последователен успех од почетокот на сезоната.

Останатите тимови со победнички серии во Европа се ПСЖ (Франција) – седум последователни победи, Интер (Италија) – седум, Ваљадолид (Шпанија) – четири и Борусија Дортмунд (Германија) – четири.

Подемот на Арсенал дефинитвно се должи на менаџерот Унаи Емери. Тој проповеда брз и напаѓачки фудбал, кој има за цел да ги пробива празните простори меѓу одделните линии на противникот. Еден од најсилните потези на Шпанецот беше да ги внесе меѓу стартерите двајцата напаѓачи – Пјер Емерик Обамејанг и Александар Лаказет (11 погодоци за дуото во последните 10 круга) кои успешно ги завршуваат асистенциите на Германецот Месут Озил, кој е во одлична форма.

Позитивно за навивачите на Арсенал е дека при сите овие успеси, нивниот тим едноставно се забавува во нападот. Триесет голови во 10 натпревари е навистина историско достигнување (три голови на натпревар). Во моментов тимот е четврти со 21 бод, исто колку Челзи, кој е трет, и на два поени зад лидерите Ливерпул и Манчестер Сити (23 поени).