Арифи: Таксата останува, ниту една од причините поради кои е воведена не е отстранета

Косовската Влада не го прифаќа предлогот на претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели за привремена суспензија на 120 дена, на таксата од 100 отсто на увозот на стоки од Србија и Босна и Херцеговина, бидејќи смета дека не е исполнет ниту еден од условите што ги постави за нејзино укинување, јави дописникот на МИА од Приштина.

Авни Арифи, шеф на Кабинетот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај и член на косовскиот тим за преговори со Србија, за „Газета Експрес“ изјави дека владиниот став во однос на таксата останува непроменет.

– Таксата нема да се укине. Ниедна од причините поради кои е воведена не е отстранета. Сите се присутни, дури и во по див облик, изјави Арифи.

И од партијата на Харадинај, Алијансата за иднината на Косово (ААК), порачаа дека таксата останува во сила.

– Не ги коментираме изјавите на другите. Меѓутоа, таксата останува во сила, бидејќи Србија не го менува нејзиниот анти-Косово однос и дејствува како што дејствуваше и порано, на деструктивен начин, напиша на Фејсбук шефот на пратеничката група на ААК, Ахмет Исуфи.

Собранискиот спикер и лидер на Демократската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели вчера по средбата со американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, предложи таксата на увозот од Србија и БиХ, под одредени услови да се суспендира привремено на 120 дена, како знак на доверба кон САД и Европската унија.

– Царинската такса не треба да се укине, но таа треба да се суспендира на 120 дена и во тој период треба да се постават одредени услови за нејзино укинување. И доколку по 120 дена немаме нова ситуација, каде однесувањата на Србија и БиХ ќе се променат коренито, тогаш таксата ќе продолжи, но и другите одлуки кои по автоматизам водат кон целосен реципроцитет со тие две држави, напиша на Фејсбук Весели по средбата со Коснет.

Тој порача дека „на Косово не му е потребен курсот на конфронтирање со САД и ЕУ“, кои упорно бараат од Владата на Харадинај да ја укине таксата на увозот од Србија и БиХ.