Анѓушев: Продажбата на ЕДС е добра и за компанијата и за вработените

Продажбата на компанијата ЕДС на грчката  национална компанија за производство на електрична енергија Public Power Corporation (ППЦ) е добар чекор за иднината на компанијата и на нејзините вработени, оцени денеска Кочо Анѓушев, досегашниот сопственик на ЕДС и вицепремиер за економски прашања.

Транзицијата на сопственоста ќе трае дваесетина дена, по што Анѓушев објасни дека ќе плати персонален данок а парите што ги добил од продажбата ќе ги прикање во анкетниот лист. Нагласи дека никогаш повеќе во Македонија не смее да се меша приватниот бизнис и политиката.

„Им посакувам на сите тоа да биде разграничено и политиката да не се меша во реалниот бизнис. Сепак зборот си е збор. Како што кажав, така и направив. Денеска како сопственик на компанијата ЕДС потпишав договор со ППЦ за продажба на компанијата за 4,8 милиони евра.Трансакцијата беше максимално транспарнетна и евалуацијата на цената беше извршена од две меѓународни куќи што беа ангажирани од грчката компанија да направат проценка“, изјави Анѓушев, додавајќи дека проценетата цена е повисока од цената за која компанијата е продадена.

Анѓушев е сопственик на 90 отсто од ЕДС, а 10 отсто се во сопственост на компанијата „Фероинвест“ каде што тој е сопственик на 80 отсто од акциите, што значи дека 90 отсто средствата од продажбата ќе легнат на негова сметка, а 10 отсто на сметката на „Фероинвест“.

„Преговарањето за цената не беше лесен процес, бидејќи станува збор за интернационална компанија која е присутна во неколку држави во ЈИЕ. Компанијата сум ја развивал од нула, како старт-ап во сите држави во време кога беше стопирана либерализацијата. Доколку продолжеше либерализацијата на пазарот на електрична енергија веројатно ќе имаше поголема вредност“, нагласи Анѓушев.

Парите од продажбата на ЕДС ќе ги реинвестира. ППЦ, како што рече Анѓушев, е гигант во енергетскиот сектор во регионот, со годишне промет од пет милијарди евра и 15 милијарди евра капитал во електрани и далекуводи. Директорот на ППЦ Манолис Панајотакис им дал гаранции на 40-тината вработенти во ЕДС дека ќе се ги задржат работните места.