Анѓушев: Програмата за економски раст ќе се имплементира со или без закон
Компаниите кои покажале резултати во 2017 година наскоро ќе може да аплицираат за државна помош согласно Програмата за еконоски раст и во текот на летово да ги добијат средствата, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Првиот оглас за третиот столб за мали и средни претпријатија, нагласи, ќе биде објавен во текот на месецов и на него ќе мора да се конкурира, а останатите компании за субвенциите од првите два столба ќе можат да аплицираат во текот на април, а документите ќе треба да ги поднесат во Агенцијата за ТИРЗ или во Агенцијата за странски инвестиции.
Како што појасни, малите и средните претпријатија парите ќе ги добиваат врз основа на правилник преку Фондот за иновации и технолошки развој, но Фондот нема сам да одлучува кому да исплати, туку заедно со претставници од повеќе институции. Останатите компании ќе ги добиваат пеку Владата и Агенцијата за вработување, а ќе ги одредува мешовита комисија од професионалци која ќе ја прави првата евалуација по јасен правилник. Доколку има забелешки на евалиуацијата ќе постои второстепена комисија во Владата составена од седум до осум члена. Конечната одлука за исплата ќе ја носи Владата.
– Програмата за економски раст ќе се имплементира со или без закон. Законот за финансиска поддршка на инвестициите утре ќе помине на седница на Владата, а потоа ќе биде ставен во собраниска процедура. Ги охрабрувам сите пратеници да соберат сили и да го изгласаат, а ги повикувам тоа да го направат и пратениците од опозицијата доколку и мислат добро на македонската економија, рече вицепремиерот Анѓушев во одговор на прашање на денешната средба со претставници на компании – членки на Сојузот на стопанските комори на Македонија на која присуствуваше и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.
Тој појасни дека законот се носи за да им се направи ситуацијата правно предвидлива на сите компании и додаде дека сосема е доволен Законот за директна државна помош за да се исплатат субвенциите за компаниите за 2017 година.
– Законот и да беше донесен лани во декември немаше ништо да се смени, бидејќи мораше да се чека март за да се предадат завршните сметки за 2017 година и потоа да се аплицира за субвенции. Затоа се така ставени датумите да може да се аплицира до јуни и потоа да се добијат парите, бидејќи не се добиваат средства за идни инвестиции, туку поврат на веќе реализирани инвестиции, појасни Анѓушев.
Нагласи дека ќе се поддржуваат само оние кои покажале резултати и на тој начин ќе се охрабруваат да покажат поголеми резултати.
Посочи дека проектираниот раст на БДП од 3,2 отсто за годинава може да се постигне со зголемено учество на индустријата, а посебно на извозот и со заживување на градежништвото преку реализирање на корисни инфраструктурни проекти.
– БДП лани беше со мал пораст или околу нула. Во првата половина од годината беше негативен, а во втората позитивен со зголемувачи и растечки тренд. Најголем пад на БДП од 30-тина проценти има во градежништвото заради прекинувањето на непродуктивните проекти и изградбата на автопатот Кичево-Охрид каде има големи проблеми, рече Анѓушев.